Звонко Шундовски: Убаво е да си повторно во својата земја и пред свои новинари

Тренерот кој како селектор го донесе најголемиот успех досега на Македонија со освојувањето на 5. место на Европското првенство во Србија во 2012 година, Звонко Шундовски годинава доаѓа во Струга со тимот на Доброгеа Суд Констанца.

Тој вели дека за него ова турнир кој ќе биде подготовка за дуелот од Супер купот на Романија, па средбите во Струга ќе бидат одлична можност да се види до каде е формата.

„Убаво е да си во својата земја и после подолго време пред свои новинари. За мене е голема чест да се биде овде со странска екипа. Вторпат доаѓам на овој турнир. Можам да искажам само пофални зборови. Се потрудија да направат врвен турнир со европски квалитетни екипи, кој е од високо ниво. Се надевам дека сите екипи кои учествуваат ќе дадат максимум и љубителите на ракометот во Македонија ќе уживаат во извонреден ракомет. Ние сме уште во тренажен процес. Се подготвуваме за нашите првенства. После ова имаме Супер куп и сакаме подготвени да го дочекаме тој натпревар“, коментираше Шундовски.

На ова се надоврза и голманот на репрезентацијата на Македонија, Никола Митревски кој брани за тимот на Доброгеа Суд Констанца.„Задоволни сме од тоа што го видовме во овие два дена во Струга. На сите екипи им посакувам успешни игри. Ние ќе се обидеме да подобриме нешто во нашата игра во овие денови и ќе се обидеме да ја кренеме формата пред Супер купот. Сакаме да сме што поподготвени за тој меч и ова ќе биде добра шанса за тоа“, изјави Митревски на пресот