Загреб изгоре во вулканот во Веспрем

Екипата на Веспрем во денешниот натпревар на домашен терен беше убедлива против составот на Загреб и со висока победа 29-19 се пласира во четвртфиналето на Лигата на Шампионите.

Со погодокот на Цингесар, екипата на Загреб прва го отвори натпреварот но само за 15 минути Веспрем успеа да го сврти целосно натпреварот во своја полза и да се избори за предност од четири погодоци 8-4. Гостинската екипа во продолжение успеа да постигне само еден погодок за разлика од Веспрем кој стигна до 12 во 26та минута. До крајот на првиот дел ништо не се промени и Веспрем отиде на пауза со резултат 15-9.

Ништо не се промени и во вториот дел бидејќи екипата на Загреб немаше расположени поединци за да се врати во натпреварот. Со погодокот на Палмарсон во 50та минута, Веспрем имаше високи 24-16 за на крајот да стави точка на натпреварот со убедлива победа со резултат 29-19.

Илиќ, Угалде и Маргуч со по пет погодоци беа најраспложени за игра во таборот на победничката екипа додека кај поразените по три погодоци постигнаа Хорват, Миклавчич и Павловиќ.

Во четвртфиналето, Веспрем ќе ги вкрсти силите со победникот од дуелот Монпелје – Киелце.