ЖРК Будуќност стартува на 3 август, Аџиќ без големи промени

Женскиот ракометен клуб ЖРК Будуќност од Подгорица и еден од противниците на ЖРК Вардар СЦБТ во групната фаза на ЛШ, подготовките за следната сезона ќе ги стартува на 3 август.

Избраничките на Драган Аџиќ од 3 до 16 август ќе ги започнат подготовките на Копаоник, а потоа ќе учествуваат на силни турнири во Романија, Хрватска и Словенија.

На турнирот во Романија, организиран од домаќинот Букурешт, екипата на Будуќност е во група заедно со руски Ростов Дон и германската екипа Битингхајм. Другата група ја сочинуваат ЦСМ Букурешт, Муратпаша , и Астраханочка. Турнирот во Букурешт е закажан за 21 август, а завршните натпревари ќе бидат на 24 август.

Од Романија, ракометарките на ЖРК Будуќност се селат во Копривница, каде ќе ги одмерат силите со домаќинот Подравка, екипата на РК Крим Меркатор од Словенија, и Михаловце од Словачка. Натпреварите против Подравка, Крим , и Михаловце ќе се играат од 29 до 30 август.

Последна проверка за црногорскиот тим ќе биде турнирот во Словенија, против Крим, Подравка и австриски Хипо. Овие натпревари клубот ќе ги одигра од 12 до 13 септември.

Силните  турнири ќе бидат одлична проверка за екипата на Будуќност која ја очекуваат тешки натпревари во Лига на шампионите. ЖРК Будуќност е во група заедно со ЖРК Вардар СЦБТ од Македонија, Турингер од Германија, и победникот од квалификациите ( Митјиланд, Подравка Вегета, Раднички).

Единствено засилување во екипата е Катарина Булатовиќ од европскиот првак, Ѓер Ауди ЕТО. Од клубот заминаа Елена Ѓоргиевска, Катарина Јежиќ, и Ирина Никитина. Според најавите, две ракометарки од вториот тим на Будуќност ќе бидат префрлени во најсилниот состав.