ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: ВЛАДИМИР ГЛИГОРОВ ЗА НОРВЕШКА

Репрезентацијата на Норвешка е претставник на скандинавската ракометна школа со што се подразбира репрезентација со добра техничка подготвеност на играчите кои што се во нејзиниот состав. Таа е редовен учесник на последните шест Европски првенства вклучително и на претстојното во Полска во јануари 2016 година. Сепак Норвешка не може да се пофали со високи резултати т.е. пласман меѓу 4-те најдобри репрезентации. Нејзин најдобар пласман е 6-то место на Европското првенство во 2008 кога беа домаќини на истото.

На последното Европско првенство во Данска, репрезентацијата на Норвешка не успеа да ја помине групата и првенството го заврши на 14-то место. Тоа беше сигнал за челниците на норвешкиот ракомет дека треба да се направат некои промени во репрезентацијата како на стручен план така и во играчкиот кадар. Тогашниот селектор Роберт Хедин беше заменет со Кристијан Берге кој се одлучи за подмладување  на репрезентацијата со цел да се направи квалитетен исчекор во подобрување на резултатите. Берге направи микс од младост и искуство, доби релативно млада репрезентација со просечна старост од 26 години што му дава надеж дека ќе успее да ја издигне норвешката репрезентација на повисоко ниво и да ја направи поконкурентна во однос на другите репрезентации.

Норвешка на Европското првенство во Полска се квалификуваше како второпласирана репрезентација во групата заедно со Хрватска, Турција и Холандија. Оствари пет победи и еден пораз од хрватската репрезентација која што успеа да ја победи на домашен терен. На Европското првенство во Полска, Норвешка ќе игра во групата Б во Катовице заедно со Хрватска, Исланд и Белорусија. Со Хрватска веќе играше во квалификациите, а со Исланд ќе има можност да се реваншира за поразот од претходното Европско првенство во Данска. Против репрезентацијата на Белорусија, Норвешка е во фаворитска улога и мислам дека тој натпревар ке биде потврда за пласман во вториот круг.

Кристијан Берге очигледно направил добра работа со изборот на играчите и подобрувањето на играта, посебно во нападот. Трите бека Сагосен, Хансен и Реинкинд се добро воиграни, шутерски расположени и потпомогнати од искусниот пикер Мирхол создаваат простор за шут и од крилните позиции. Крилата Бјоернсен и Јондал се мошне брзи и противничките играчи ќе треба да вложат посебен напор за да ја спречат брзата транзиција на Норвежаните од одбрана во напад.

Она на што ќе треба повеќе да поработи селекторот Берге во овој подготвителен период е одбраната која што мора да биде поагресивна и поефикасна во решавањето на ситуциите кога има игра два на два. Присуството на искусните Ерленд Мамелунд (кој во екипата на Кил има дефанзивни задачи) и Бјарте Мирхол би требало да му бидат од  голема помош на селекторот Берге во отклонувањето на овој проблем во одбраната. За очекување е Норвешка и на ова Европско првенство да одигра со 6:0 зонска формација во одбраната.

norKlucni

Клучни играчи во репрезентација на Норвешка се:

Бјарте Мирхол, искусен пикер кој подеднакво добро игра во нападот и  одбраната и неговото искуство  стекнато во Германија како играч во екипите на Нордхорн и Рајн-Некар Ловен ќе биде од голема помош за останатите соиграчи од репрезентацијата.

Сандер Сагосен, млад дваесет годишен играч со голема перспектива да се развие во еден од најдобрите леви бекови во Европа. Поседува одлична техника и разорен шут од дистанца и е многу успешен во играта 1:1.

Хералд Реинкинд, десен бек кој моментално настапува во екипата на Рајн-Некар Ловен подеднакво добро игра во нападот и одбраната и е успешен во играта 2:2 со пикер.