Еурофарм на пауза против Бидасоа со гол негатива

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник денеска ја завршува одисејата во Лигата на шампионите.  Во Битола гостува шпанскиот тим Бидасоа Ирун, а на полувреме „фармацевтите“ имаат негатива од само еден погодок, 14-15.

На стартот на неважниот натпревар за двете екипи се играше гол за гол до 3-3, а потоа шпанскиот тим поведе со 3-5. Сери беше незадржлив за битолската одбрана и донесе на Бидасоа и плус четири 5-9 по петнаесетина минути игра.

Чаневски одбрани седмерец, а српскиот интернационалец Ѓукиќ погоди два пати по ред за 7-9. Голманот на „фармацевтите“ влезе во серија и битолскиот тим се доближи на минус еден, 10-11, но потоа имаше неколку избрзани шутеви и грешки.

Гостинскиот тим не пропушти шанса да казни за пропустите на Еурофарм и поведе со 10-15 на пет минути до паузата. Момците на Божидар Мојсов не мислеа да се предадат и по оваа негатива, па до крајот не му дозволија на шпанскиот тим да реализира, а тие погодија четири пати.

На пауза е 14-15 за Бидасоа, иако Еурофарм имаше напад и за реми. По три погодоци во македонскиот тим постигнаа Остроушко, Ѓукиќ и Маркоски, додека за Бидасоа, Руди Сери погоди шест пати.