Ерупција во Нант: Франција триумфираше против Норвешка

По две победи во групата имаа репрезентациите на Франција и Норвешка пред денешниот директен дуел во кој одлучуваа која репрезентација ќе стане лидер на групата А. Франзуците на овој натпревар настапија без Лука Карабатиќ кој поради повреда ќе го пропушти остатокот на првенството. Иако одиграа без еден од клучните играчи во одбраната, Франзуците  ја имаа контролата во текот на целиот натпревар кој на крајот заврши во нивна полза со конечен резултат 31-28.

По еден погодок разменија двете репрезентации на стартот на натпреварот, а прва до водство од два погодоци стигна Франција 4-2 во 5та минута. Преку Бјорнсен, Норвешка брзо изедначи, но потоа следуваше серија на Франција која  благодарение на одличните одбрани на Омејер стигна до највисоко водство од пет погодоци 13-8 во 22ра минута. Норвешка повторно ја намали разликата 13-11, но неколкуте технички грешки на крајот на првиот дел и донесоа солидна предност на Франција 16-12 во првиот дел.

Гигу постигна погодок на старот на вториот дел, а по три минути игра Махе го донесе највисокото водство на Франција од шест погодоци 19-13. Сагосен беше ракометарот кој ја имаше главната улога во репрезентација на Норвешка во вториот дел која го искористи исклучувањето на Порт за да намали на 26-23. Сепак црвениот картон на О’Саливан создаде дополнителни проблеми за Норвешка која немаше сили целосно да се врати во натпреварот и забележа пораз со 31-28 и заслужено ја препушти првата позиција во групата А на домаќинот – Франција.

Најдобри стрелеци во домашната репрезентација беа Ремили, Карабатиќ и Махе со пет погодоци, а кај Норвежаните се истакна Сагосен и Јондал со 8 и 6 погодоци.

ФОТО:francehandball2017.com