Елена Ливриниќ: Конкуренција секогаш има, но за мене тоа е само дополнителен мотив!

Кога тимот на Кометал Ѓорче Петров освојувајќи ја Лигата на шампионите ги „живееше “ своите минути на слава многу мали девојчиња гледајќи ги настапите на тогашните ракометни великани се заљубија во овој спорт. Во групата „маѓепсани“ млади ракометни надежи беше и средниот бек на сениорската женска ракометна репрезентација, Елена Ливриниќ. Перспективната ракометарка која првите ракометни чекори ги направи во Ѓорче Петров за подоцна да стане дел од „сино-белото“ семејство од Автокоманда, оваа сезона реши да собира интернационално искуство потпишувајќи за романски Данубиус Галаци.

ellivrinic-5

Како се јави желбата да започнете да тренирате ракомет?

Љубовта кон овој спорт се роди уште од мали нозе, а Кометал Ѓорче Петров е главниот виновник за да започнам да тренирам ракомет. По успехот со освојување на Лигата на Шампионите, кој Кометал го оствари во 2002 година навистина го засакав ракометот па така набрзо започнав да тренирам.

Вашата кариера започна во Ѓорче Петров, а пред преминот во Романија бевте дел од екипата на Металург. Раскажете ни повеќе за времето поминато во клубот од Автокоманда?

Во Ѓорче Петров ја добив основата за ракомет од професорот Радиќ, но во Металург продолжив да се градам како играч. Кога преминав во овој клуб започнав од кадетска школа, од каде што стигнав до првиот тим на ЖРК Металург и поминав три прекрасни години во кои стекнав добро искуство благодарание на знаењето пренесено од искусните тренери во овој клуб.

Кој европски клуб ги има Вашите симпатии? 

Дефинитивно мој фаворит е Будуќност. Оваа екипа години наназад ни докажува дека со упорност, дисциплинна и многу работа предводени од врвен стратег, може да се биде еден од најдобрите клубови во Европа. Иако екипата остана без медал во Лигата на Шампионите минатата сезона сепак сметам дека имаат одличен играчки кадар со кој го повторно ќе се најдат меѓунајдобрите во Европа.

Според Вас која е најдобра ракометарка во светот моментално? 

Романската репрезентативка и играч на Будуќност – Кристина Неагу. Според мене, таа има сè што еден светски бек треба да поседува.

ellivrinic-4

Настапувате на позиција среден бек. Дали сама инсистиравте да играте на оваа позиција или некој тренер одлучи дека таа позиција е најдобра за Вас?

Не сум класичен среден бек, играм и на левата бековска позиција, но виновник за моето форсирање на среден бек е сегашниот селектор, тогашен мој тренер, Симовски Симе, кој сметаше дека со моите организациони способности можам повеќе да придонесам на центарската позиција.

Задоволна ли сте од движењето на ракометот во Македонија?

Ракометот кај нас е доста популарен што се гледа од интересот и одзивот во младиниските школи ширум Македонија. Но мислам дека недостасуваат повеќе квалитетни натпреварувања во Супер лигата.

Настапувате за македонската ракометна репрезентација. Што е потребно за Македонија да се врати на големите натпреварувања?

Сегашниот состав на репрезентацијата ја сочинуваме млади играчи на кои пред се ни недостасува искуство. Потребно е време за да го стекнеме истото и секако упорност и напорна работа. Со самото тоа што дел од репрезентативките потпишаа договори и ќе настапуваат надвор од земјата мислам дека ќе имаме одреден напредок. Секако се надевам дека после одреден период нашата репрезентација ќе стекне континуитет и воиграност и тоа ќе резултира со подобри резултати.

ellivrinic-2

Како сте задоволна од вашата игра во последниот квалификациски циклус за Европското Првенство во Шведска?

Со оглед на тоа дека се паднавме во група со веќе докажани репрезентации, пред се ми беше чест и задоволство да се соочам против искусни играчи. Самите резултати си кажуваат дека не можеме да бидеме задоволни, но верувам во нашиот потенцијал и сигурна сум дека набрзо ќе ја оправдаме довербата која ни е укажана од страна на селекторот и раководството на репрезентацијата.

Во текот на летото потпишавте договор со Данубиус Галаци. Зашто се одлучивте да преминете во овој клуб?

Искрено, се двоумев. Сакав да останам во Металург, но сепак проценив дека сега е моментот да направам интернационален трансфер. Имав неколку понуди од кои се одлучив за Данубиус Галаци. Времето ќе покаже дали одлуката е правилна, но секако се надевам дека сум го направила вистинскиот избор.

ellivrinic

Колкав предизвик е да настапувате во романското првенство?

Секако дека предизвикот е доста голем, со оглед на тоа дека ќе учествувам во првенство во кое настапува акутелниот освојувач во Лигата на Шампионите – екипата на ЦСМ Букурешт. Романското првенство е едно од најквалитетните во Европа и се надевам дека играњето во ова првенство ќе влијае позитивно на мојата кариера.

Колку Ви е познато романското првенство? Дали стравувате од конкуренцијата во екипата?

Ракометот во Романија е на доста високо ниво, Супер Лигата им сочинува 14 екипи од кои две се натпреваруваат во Лигата на Шампионите а една од нив и застана на највисокото место на пидесталот. Конкуренција секогаш има, без разлика дали е внатре во екипата или надвор помеѓу екипите, но за мене тоа е  само дополнителен мотив.

А.И./В.Ј.



ЕДИТОРИЈАЛ

[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”sort_order” special_effect=”grayscale” animation_effect=”bounce” album_title=”false” album_id=”58″]