Европскиот шампион ги задржа најдобрите: И Литванецот продолжи со Монпелје

Актуелниот освојувач на титулата во Лигата на шампионите, Монпелје продолжува да ја обезбедува верноста на своите најдобри играчи со цел да остане на врвот во Европа. После продолжувањето на договорите со Валентин Порт, Диего Симонет и Никола Портнер на ред дојде и Јонас Трухановичиус.

Најдобриот лев бек во францускиот шампионат ја продолжи својата верност кон тимот до 2022 година и така доби подобрување на тековниот договор кој му важеше до 2020 година.

Тој пристигна во Монпелје пред две години и стана првиот Литванец кој заиграл во најсилната лига на Франција и со текот на времето стана еден од најдобрите леви бекови во Европа. Претходната сезона беше најдобра за Јонас во неговата кариера како на играчки така и на приватен план. Успеа да ја освои Лигата на шампионите, ја доби наградата за најдобар лев бек во лигата во која се натпреварува.

Трухановичиус има 25 години, а во претходните две сезони прерасна во играч кој е круцијален за својот тим и со неговиот став, учество, талентот и физичките способности успеа да биде миленик на навивачите на Монпелје кои се сигурно најзадоволни што ќе престојува најмалкуе уште три години во тимот.