Европа го очекува новиот клупски ракометен шампион!

Последен ден од Лигата на шампионите во сезоната 2014/2015. Дванаесет екипи се обидоа да ја достигнат елитата, тои им успеа на само три. Мешков, Мотор и Бешикташ беа меѓу оние најдобрите 24 екипи кои ја продолжија борбата за ракометниот грал. Македонија имаше претставник меѓу најуспешните осум, сонот за големата четворка ја растури учителот на Раул Гонзалес. Токму полската екипа Киелце на Талант Душебаев ја имаше таа чест да го отвори Фајнл Фор турнирот против секогаш моќната Барселона. Завршница од соништата за секој навивач, ракометар, спортист…

Во Келн сѐ е подготвено за да се прослави новиот победник, пред арената илјадници ракометни фанови се забавуваат на неколкуте бини на кои настапи имаат локални музички ѕвезди. Навивачите на Веспрем и Киелце сплотени рецитираат навивачки песни на речиси секоја од мобилните колички за храна и пијалоци околу Арената. Сето тоа најавува возбудливи последни 120 минути ракомет за оваа сезона.

Барселона беше премногу силна за Киелце. Моќниот Карабатиќ, мотивираните Лазаров и Сигурдсон надополнети со одличниот Даниел Шариќ и искусните Нодесбо и Виктор Томас, не дозволија повторно изненадување во полуфиналните дуели. По првите шеесет одиграни минути, екипата која немаше пораз во групната фаза мораше да ја подаде раката на подобриот тим.

Во далеку повозбудливо второ полуфинале, Веспрем му се реваншираше на Кил за минатогодишниот пораз во полуфиналниот дуел. Судискиот критериум повеќе ѝ одговараше на агресивната одбрана на Веспрем, а долгите напади на Веспрем беа клуч за успехот на унгарскиот шампион. Минатата година ја прифатија играта на Германците, а во брзата шутерска игра загубија. Овојпат голманите на двете екипи доминираа, Паличка во првиот дел, а Алиловиќ во вториот што беше предуслов за возбудлива завршница.

Барселона како единствена екипа која со четри победи во елиминациската фаза обезбеди билет за Келн во големото финале ќе игра против актуелниот СЕХА шампион, Веспрем. Големи ракометни имиња кои се желни за својот прв трофеј, заедно со своите соиграчи ќе атакуваат на најзначајната титула во ракометната клупска историја.
11287200_10205474706300271_1905675801_n
Веспрем досега успеал да ја совлада Барселона 4 пати, последен пат во 2011 година на свој терен во рамките на осминафиналните дуели, но никогаш на неутрален терен. Кире Лазаров само еднаш одиграл елиминациски натпревари во дресот на Веспрем против Барселона, а тогаш Унгарците се радувале и Кире Лазаров го постигнал одлучувачкиот гол за Веспрем. Барселона има 10 победи против унгарскиот шампион,а овојпат Кире Лазаров ќе настапи во каталонските бои.

Интересен е дуелот за најдобар стрелец, а борбата се води меѓу двајца учесници на екипите-финалисти. Кире Лазаров или Момир Илиќ ќе се знае по истекот на последната секунда во финалето кое е закажано од 18:00,а кое ќе го судат Ромаците Дин и Дину.
На генералната проба со симулација на победникот, организаторот се одлучи да го прогласи Веспрем за новиот шампион, вистинската битка започнува за помалку од четири часа, а до тогаш останува да уживаме во натпреварот за престиж меѓу Киелце и Кил.

Едно е сигурно, по три години нова нација ќе се радува на успехот на својот ракометен тим.