Драма во Автокоманда: Металург 2 славеше над Струга

Ракометартите на Металург 2 во неизвесен дуел стигнаа до првата победа во 8. коло од Супер лигата. Тие на домашен терен беа подобри од тимот на Струга и славеа со 25:24 со пресврт во последните моменти од мечот.

Првото полувреме помина во претежно израмнета игра, по добриот почеток на Струга и водството од 3:1 брзо возвратија и го преземаа водството со серија од 5:0. На полувреме Металург 2 имаше предност од 14:11 која ја стекна во последните минути од првиот дел.

Во вториот дел Металург 2 водството од првиот успешно го одржуваше, а успеа да стигне и до највисока предност од пет гола кога беше 18:13. Струга заигра подобро и започна да ја намалува негативата и во последниот дел од мечот се влезе со израмнет резултат.

После почетното водство, Струга повторно успеа да поведе со 23:22. До крајот во неизвесната завршница подобро се снајдоа младите ракометари на Металург 2 кои со два гола до последните моменти од мечот стигнаа до победата.

Најефикасен во составот на Металург 2 беше Дарио Кофиловски со шест гола, а Никола Стоилевски постигна пет. Во тимто на Струга најмногу се истакна Тодор Јанкуловски со седум погодоци.

МЕТАЛУРГ 2 – СТРУГА 25:24 (14:11)

Сала. Автокоманда во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Делегат: Русе Наумовски.

МЕТАЛУРГ 2: Михајлов, Фидановски, Мелоски, Кофиловски 6, Савковиќ 3, Николовски 1, Божиновски, Митиќ 1, Василевски, Стоилевски 5, Ристовски, Георгиевски, Љубевски 1, Стојановиќ 3, Гајиќ 3, Додиќ 2.

Седмерци: 4/7. Исклучувања: 8 мин.

СТРУГА: Стојаноски, Маркоски 1, Кузманоски 5, Крстаноски 1, Костоски, Савески, Јанкуловски 7, Стојаноски, Ферукоски, Стрезоски, Симоноски 1, Костоски 4, Русески, Новаковиќ 5.

Седмерци: 5/6. Исклучувања: 8 мин.