Дејвис: Не очекувам помош од Монпелје

Во сабота од 17:30 часот се играат сите натпревари од последното коло во групата А. Најголемо внимание кај навивачите на Вардар покрај средбата со Монпелје привлекува и дуелот помеѓу Келце и Веспрем од кој зависи конечниот пласман на нашиот претставник во групната фаза од Лигата на шампионите.

Пред натпреварот во Келце своите очекувања ги кажаа тренерот  Давид Дејвис и главниот организатор на играта на унгарскиот претставник, Мате Лекаи.

‚‚Ќе биде комплициран натпревар како и секој во Лигата на шампионите. Ова е последно коло од групата фаза и секој сака да победи. Сите го знаеме составот на Талант, тие никогаш не сакаат да губат. Тие мора да чекаат што ќе се случи со Рајн Некар, но можат да завршат четврти во групата. За нас е клучно да победиме таму, не можеме да очекуваме Монпелје да ја заврши нашата работа. Ние се подготвувме како и за секој натпревар и ако завршиме втори ќе имаме полесен противник‘‘, рече Дејвис.

Лекаи подели низа комплименти кон Келце.

‚‚Сите го знеме влогот во овој натпревар. Ако освоиме барем еден бод ќе бидеме втори, но секако сакаме да победиме. Келце има многу повредени играчи, но јас сум сигурен дека некои од нив ќе се вратат на теренот против нас. Ние се подготвуваме за секого, а во сабота ќе видиме кој ќе игра. Јас мислам дека тие би биле еден од кандидатите за фајнал фор доколку немаа толку многу повреди.  Тие имаат играчи од светска класа. Очекувам тежок натпревар, арената секогаш е распродадена и атмосферата е одлична но и покрај тоа се надевам дека ќе ја продолжиме нашата победничка серија‘‘, изјави Лекаи.