Дејан Периќ останува привремен селектор: Српската репрезентација ќе добие шпански шмек?!

Откако тренерот на македонскиот шампион Металург, Лино Червар го одбил Ракометниот сојуз на Србија (РСС) за позицијата селектор на сениорската репрезентација на нашиот северен сосед, делегација на РСС предводена од претседателот Велимир Маријановиќ се состана со трофејниот тренер на унгарскиот вице-првак Пик Сегед, шпанскиот стратег Хуан Карлос Пастор.

Во првичните разговори имало расположение од двете страни, но деталите сеуште се непознати. Дали и под кои услови Хуан Пастор ќе го превземе раштиманиот оркестар на квалитетната српска репрезентација ќе се знае наредниот период, кога ќе се соопшти името на новиот селектор.

На вчерашниот состанок на раководството на РСС одлучено е Дејан Периќ, еден од најдобрите голмани во ракометната историја на Србија, да остане селектор на машката сениорска репрезентација додека дефинитивно не се реши прашањето околу селекторската фотеља. Периќ го наследи Владан Матиќ, а сега веќе веројатно е дека под негово раководство Србија ќе го започне циклусот квалификации за Европското првенство во Полска.

Српскиот ракометен сојуз е во потрага по авторитетен селектор, кој конечно ќе може да воспостави ред меѓу ракометните ѕвезди кои се дел од репрезентацијата, сегашниот концепт на РСС е насочен кон ангажирање на странски експерт. Доколку пропаднат преговорите со Пастор, на списокот на желби се Веселин Вујовиќ, Велимир Петковиќ, Љубомир Врањеш и Јовица Цветковиќ, добро познати и признати стручњаци. Дел од нив веќе се надвор од конкуренција поради актуелните договори со нивните клубови, а најголем фаворит за селекторското место кога се во прашање домашните експерти е Велимир Петковиќ, поранешен тренер на Гепинген.

Хуан Карлос Пастор е еден од најтрофејните шпански тренери. Како селектор на „црвената фурија“ го освои златниот медал на Светското првенство во Тунис 2005, сребрен медал на Европското првенство во Швајцарија 2006 и бронзен медал на Олимписките игри во Пекинг 2008. Од 1995 до 2013, како тренер на екипата на Ваљадолид ги освојува сите позначајни европски купови освен Лигата на шампиони. Од 2013 преминува во новиот проект на унгарскиот вице-шампион Пик Сегед, со кого оваа сезона ќе се натпреварува во Лигата на шампиони.