Две голмански имиња кои допрва треба да блеснат на македонското ракометно небо!

Македонија отсекогаш давала добри ракометни голмани, а македонските љубители на ракометот се надеваат дека тоа ќе продолжи и во иднина. Имињата на Ванчо Јовановски, Стевче Стефановски, Зоран Петковски, Петар Ангелов, Гордана Нацева, треба да добијат свои наследници, а 24Ракомет ви презентира две млади ракометни голмански имиња кои со посветена работа и развивање на сопствениот талент се очекува да блеснат на македонското ракометно небо. Во продолжение прочитајте го интервјуто со младиот голман на Работнички, Даниел Ѓорѓевски (22) и неговата колешка од ЖРК Металург, Наташа Антиќ (22).

Кој беше најголем виновник за вашите почетоци во ракометот?

Наташа Антиќ: „За разлика од повеќето спортисти, јас не потекнувам од спортско семејство и со ракомет почнав да се занимавам сосема случајно кога во моето училиште се отвори ракометната школа Кастратовиќ. Од тогаш ракометот стана една од најважните работи во мојот живот.“

Даниел Ѓорѓески: „Најголем виновник зашто го одбрав ракометот е мојот татко, кој е поранешен ракометар, но исто така ракометот за мене беше единствен спорт во кој се пронаоѓав себеси. Моите ракометни почетоци беа во ракометниот клуб Јехона од Гостивар, од каде што после краток временски период преминав во ракометниот клуб МРК Вардар каде што почнав да созревам и усовршувам како ракометен голман.“

Daniel

Кои се ваши ракометни идоли, и секако омилени тимови за кои навивате?

Наташа Антиќ: „Немам некој посебен идол бидејќи од секој голман пробувам да го извлечам она што сметам дека е добро и да го применам кај мене. Иако најголем дел од нас помладите ракометарки имаат клубови за кои навиваат, да бидам искрена јас не припаѓам во оваа група, но обожавам да гледам машки и женски ракомет посебно натпревари кои се неизвесни до самиот крај.“

Даниел Ѓорѓески: “Мојот идол е голманот Тиери Омејер кој отсекогаш го следам и добивам инспирација за напорно тренирање и напредок, поради желбата и страста со која овој ракометар настапува на теренот.

Сметам дека е одлично што имаме екипа од нашата земја која е преставник во Лигата на Шампионите, бидејќи РК Вардар е екипата за која навивам во светски рамки. Македонскиот шампион е сè поквалитетен и прикажува одлични партии во Европа така да се надевам дека набрзо ќе стане првиот машки клуб од Македонија кој ја освоил Лигата на шампионите.“

Колку е предизвик да се настапува во Македонија, и кои се вашите цели оваа сезона?

Наташа Антиќ: „Нашата цел оваа сезона е иста како и во минатата односно целиме на втората позиција и работиме на тоа да се спротивставиме на Вардар колку што можеме подобро. Ситуацијата во последните неколку сезони е таква што во Македонија има многу малку тимови со што и конкуренцијата е мала.“

Даниел Ѓорѓески: „За мене лично преставува предизвик да се натпреварувам во домашното првенство. Оваа сезона речиси сите екипи имаат по неколку засилувања од кои дел се домашни, а дел ракометари од странство, што значи дека ќе има само поголема неизвесност во натпреварите. Главна цел на мојата екипа сезонава е пласман во плејофот, кој успешно го обезбедивме, а следна цел ни е пласман на првите четири позиции кои носат натпреварување во некој од европските купови“

Natasa

Каква е иднината на македонскиот ракометот?

Наташа Антиќ: „За сега ситуацијата во Македонија е лоша. Се повеќе се вложува во странски одколку домашни ракометарки, а и реално условите во повеќето клубови не се на потребното ниво. Што се однесува до репрезентацијата, дојде до промена на генерации, повеќето сме млади и немаме доволно искуство. Потребна е доверба и многу работа и се надевам дека во блиска иднина ќе забележиме добри резултати.“

Даниел Ѓорѓески: „Иднината на македонскиот клупски ракомет мислам дека е во нагорна линија и сметам дека македонското првенство ќе биде едно од најинтересните во регионот. Има доста добри екипи кои константно се засилуваат, што е добро и за ракометарите и за репрезeнтацијата бидејќи ќе има голем напредок на домашните играчи и ќе доведе до одлични резултати на нашиот национален тим.“

Кои се вашите амбиции за во иднина?

Наташа Антиќ: „Амбициите ми се големи, сакам да бидам врвен спортист и да играм во некои големи клубови, но за сето тоа треба време и многу работа. Се надевам дека наскоро ќе се пробам себеси и некаде надвор од Македонија.“

Даниел Ѓорѓески: “Амбициите ми се пред сè влез во ракометната репрезентација на Македонија, а на клубски план желба ми е да заиграм во една од најсилните светски лиги односно во германската или француската лига.“

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”sort_order” special_effect=”grayscale” animation_effect=”slideInDown” album_title=”false” album_id=”37″]