Дарко Станиќ го менува Ландин во Рајн Некар Ловен?

Според информации на угледниот словенечки спортски портал „Планет сиол.нет“, одличниот чувар на мрежата на српската репрезентација и долгогодишен голман на македонскиот шампион Металург, Дарко Станиќ, веројатно на крајот на сезоната ќе премине во редовите на водечката бундеслигашка екипа, Рајн Некар Ловен. Станиќ оваа сезона ја започна во Металург, но поради финансиските проблеми по еден месец пронајде нов дом во германското првенство, бранејќи ги боите на последнопласираната екипа на Битихајм.
Никлас Ландин од ова лето преминува во лутиот ривал на „лавовите“ од Манхајм и од следната сезона ќе ги носи „црно-белите“ бои на Кил. Управата на Рајн Некар во обид да го пополни испразнетото место го ангажираше младиот голман Микаел Апелгрин, но искусниот 36-годишен српски интернационалец секако ќе го крене нивото на голманската позиција и достојно ќе го надополни отсуството на Ландин.