Данска пишува историја: Составот на Душебаев немаше сили за нов подвиг

Во второто полуфинале од ракометниот олимписки турнир се сретнаа репрезентациите на Данска и Полска. Полјаците во четвртфиналето ја изненадија Хрватска, а Данска имаше лесна задача против Словенија. За двете селекции пласманот во финале значи нова страна во нивната ракометна историја, влоговите се големи па затоа и натпреварот има посебна магија.

На самиот почеток Данците имаа 3-0, предност која се провлекуваше во текот на целото прво полувреме. Полјаците неколкупати го израмнија резултатот, но никогаш доволно за превземање на водството. Данските ракометари секогаш израмнувањето го проследуваа со серија свои голови, а една таква во 24-та минута заврши со највисоки +4 (10-14). Во последната минута составот на Душебаев повторно израмни на 15-15, а Сондергард во последните секунди го постави конечниот резултат 16-15.

Стартот на вториот дел, Полска преку Дашек и Лијевски го изкористи за да го превземе водството, а во 35-та минута имаа и два гола предност. Скандинавците бргу се вратија во игра и ја превзедоа конролата над резултатот. Продолжението на второто полуфинале го карактеризираа бројните технички грешки и голмански интервенции. Во последниот период продолжи резултатската нишалка, Ландин во 54-та минута ја одведе Данска на +1, но по тајм-аутот на Душебаев, Полска повторно ја врати минималната предност. Бјелецки погоди во следниот напад, а изнудениот удар на Кристијансен под закана за пасивен напад беше лесен плен за голманот Вишомирски. Сипжак во продолжение постигна погодок и ја врати резултатската вага на своја страна. Драмата слична на онаа од првото полуфинале донесе продолженија. Данска имаше гол предност на 30 секунди до крај, а Дашек во последните две постигна погодок за крај на натпреварот и резултат (24-24) кој води во продолженија.

Она што не успеаа да го направат во регуларниот дел им успеаа во продолжението. Данците носени на крилата на Ландин преку расположениот Олсон и Хансен дојдоа до првата предност од три голови, разлика со која завршија првите пет минути од додатното време (26-29). Високата предност се покажа како недостижна во втората половина. Блејецки го постигна својот седми гол на 20 секунди пред крај на натпреварот за намалување на разликата на само еден гол (28-29), а во последните секунди од брканицата на теренот со кренати раце замина Данска која ја задржа минималната предност за конечни 28-29 и огромно славје за првото, историско ракометно финале.

Најпрецизен во составот на Данска беше Хансен со десет, а џокерот на Гудмундсон, Мортен Олсен постигна седум погодоци. Во составот на Полска Бјелецки истотака постигна седум голови, додека Сипжак и Дашек беа прецизни по пет пати.

Во големото финале Данска ќе го предизвика актуелниот олимписки првак Франција.