Дамчевска: Ако девојките продолжат да работат како досега, ќе имаме позитивни резултати

Младинската репрезентација на Македонија во женска конкуренција обезбеди две победи против Бугарија во пресрет на подготовките за Европскиот шампионат кој се одигрува следниот месец. Селекторот на нашата репрезентација, Јулијана Дамчевска се огласи по двомечот и го истакна напредокот кој го имаат младинките.

„Овој двомеч е дел од еден краток циклус на ЕХФ недела и ни беше од голема корист пред она што не очекува, учеството не Европскиот шампионат. Она што беше работено за овие пет дена и два натпревари беше сработено како што треба. Девојките работеа и беа дисциплинирани и има напредок кај нив, па мислам дека ќе биде во нагорна линија се што ќе се работи понатаму“, изјави Дамчевска.

Очекувањата во пресрет на Европскиот шампионат се големи. Македонија со победа ќе има можност да се натпреварува за влез на еден ранг повисокото Европско првенство во младинска категорија, па оттаму во таборот на нашата репрезентација се оптимисти за постигнување на позитивен резултат.

„Секој мора да биде оптимист и да мисли на победа меѓутоа не знаеме како ќе се одвиваат работите до тогаш иако програмата е веќе дефинирана. Ако биде се како што треба и ако девојките продолжат вака да работат се надевам дека ќе имаме позитивен резултат“, додаде селекторот.

Дамчевска истакна дека Бугарија не беше најсилниот можен тест, но сепак беше доволно добар противник преку кој нашите ќе соберат искуство за предизвикот кој ги очекува.

„Со оглед на тоа што може да се каже дека веќе нема слаби противници, нивото на работа во сите држави и клубови е подигнато на едно погоре и оттаму Бугарија не беше најдобриот, но не беше и најслабиот противник“, заврши Дамчевска.

Европскиот шампионат во младинска женска категорија се игра следниот месец во Литванија. Таму Македонија се наоѓа во група со Швајцарија, Грузија и Литванија.