Наместо во Германија доаѓа да брани во Вардар

Новата состојба во Бундеслигата му создаде шанса на европскиот првак Вардар да ја комплетира голманската позиција за наредната сезона. Само реми не одговараше на дуелот меѓу Гумерсбах и Битигхајм, а токму таков беше исходот. Молк во арената на Битигхајм, молк кај навивачите на Гумерсбах, молк за излез од елитното бундеслигашко друштво на двете екипи.

А само пред неколку месеци амбициозните Германци го најавија големото засилување од полскиот првак Келце, Филип Ивиќ, кој се договори со Гумерсбах за трансфер од лето. Но сметките не беа во баланс, а фактот што Гумерсбах ќе замине едно скалило надолу го прави договорот со Филип Ивиќ раскинлив и информациите околу можен трансфер во Вардар веројатни.

Уште одамна се зборуваше за кокетирањето на хрватскиот интернационалец со македонскиот шампион, сепак тој се одлучи да го послуша советот на неговиот менаџерски тим и од Полска се упати кон Германија. Сега кога клубот кој беше добитен повеќе не е доволно атрактивен, Ивиќ повторно се врти кон Македонија.

Во обид да се спаси наредната сезона за еден од најперспективните ракометни голмани на планетата, може да се активира планот Б договорен во Скопје. Единствен проблем може да биде пристигнувањето на уште еден одличен голман Никола Портнер, кој веќе ги завршува деталите со клубот од Скопје. Останува да видиме, дали покрај швајцарскиот репрезентативец, вардаровиот гол ќе го брани и Филип Ивиќ или Вардар ќе му даде комплетна доверба на Портнер за наредната сезона.

Според информациите на 24Ракомет начелен договор меѓу менаџментот на Ивиќ и управата на Вардар имало уште пред да испадне Гумерсбах од елитата со еден услов, кој сега е веќе реалност.

Едно е сигурно сценариото во Бундес лигата сигурно изненади многумина. Токму затоа ќе почекаме официјална потврда од скопскиот клуб дали Вардар ќе има два одлични млади чувари на мрежата за наредната сезона, или Алжирецот Гедбан ќе остане втора опција на Никола Портнер.