Гордана Нацева: Оваа година се засиливме на вистинските позиции, чекориме кон врвот на Европа!

Во новата сезона на женската Лига на шампионите, македонскиот првак важи за еден од најсериозните кандидати за титулата. Заедно со Будуќност кој е далеку поопасен од десната бековска позиција со враќањето на Катерина Булатовиќ во тимот, како и со екипата на Ѓер која пак со заминувањето на Булатовиќ и породилната пауза на една од најдобрите голманки, Катрине Лунде, им овозможува на конкурентите конечно да ги симнат од тронот, екипата на ЖРК Вардар ќе води рамноправна битка за европскиот ракометен клубски врв. На тој пат Вардар заминува засилен со хрватскиот бомбардер на левата бековска позиција Андреа Пенезиќ, искусниот дефанзивец и столб на германската репрезентација Ања Алтхаус, освежувањето на десната крилна позиција во името на руската репрезентативка Олга Черноиваненко и нејзината помлада колешка од Лада Тољати левиот бек Ихнева како и десниот бек на словенечката репрезентација Барбара Варлец Лазовиќ. За амбициите на клубот, желбите и начинот на кој треба да се остварат резултатите зацртани за оваа сезона, за 24Ракомет говори претседателот на ЖРК Вардар, Гордана Нацева:

Вардар и оваа сезона има големи амбиции да стигне до самиот европски врв. Уште од сега сме фокусирани на 9ти мај и Фајнал 4 турнирот што ќе се одигра наредната година. Мојот оптимизам се базира на она што го имаме како кадар во тимот. Минатата година имавме еден солиден тим, а оваа година сметам дека сме засилени на вистинските позиции, на кои што минатата година можевме да имаме подобар учинок, и тоа ми дава една надеж дека можеме оваа година да го повториме и да направиме уште подобар успех од минатата година.

Екипата на Европскиот шампион Ѓер доминира на женската ракометна карта во изминативе години. ЖРК Вардар со новиот начин на работа, со вложувањата во екипата, со професионалниот однос на секое поле, полека застанува рамо до рамо со Европскиот шампион:

Сега повторно пет играчи се нови и повторно се треба да се вклопи, и мислам дека тоа ќе го направиме успешно. Минатата година беа 14 нови играчи и успеавме да направиме еден добар тим со добра атмосфера и верувам дека овие пет нови играчи кои дојдоа, вклучително и нашите три јунорки дека ќе помогнат и дека Вардар полека се приближува и станува сериозен конкурент на Ѓер кој во минатата година беше една неприкосовена ракометна величина во сите погледи, почнувајки од организацијата па се до потенцијалот кој го поседуваа во тимот.
Пак ќе напоменам дека имаме една сериозна група на почетоткот, како и да е, јас немам право да мислам дека Вардар може да има непријатни изненадувања, бидејќи очекувам тимот да чекори кон врвот на Европа.