Ги немаше Кристопанс и Дисингер, но хероите на Вардар се бореа и за нив (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Вардар имаше херојска вечер во „Јане Сандански“ бидејќи со само 7-8 ракометари се бореше против моќниот тим на Келце. Во своите редови ги немаше Даинис Кристопанс и Кристијан Дисингер, кои целиот меч го проследија од клупата. Горпишин не можеше повеќе од пет минути, Атман кој се врати после повредата 2-3 пати го напушташе теренот после добиени удари. Ниту Калараш не беше поштеден во големата битка, па ова беше дефинитивно вечер за паметење.

Иако на крајот резултатот беше 28:28, сепак, бодот е голем бидејќи е освоен во еден вака тежок натпревар. Борбеноста беше фантастична и само може да се претпостави како ќе беше доколку сите ракометари на Вардар беа подготвени за играње и се бореа вака на терен од прва до последна минута.

Кога ќе се земе предвид и фактот дека на теренот како десен бек играше крило, а повремено и на лев бек беше исто сосема јасно е зошто бодот е така силен и можеби и рамен на победа во еден вака интересен натпревар.