Георгиевски: Мотивацијата не ни беше на највисоко ниво

Македонија имаше успешен старт на новиот квалификациски циклус за пласман на континенталниот собир за две години. Избраниците на Раул Гонзалес вложија поголем напор од очекуваното, но на крајот ја совладаа Турција со 31-27.

Десното крило Гоце Георгиевски вели дека треба да им се радуваме на бодовите, со оглед на изненадувачките резултати на другите селекции.

„Мора да бидеме задоволни од победата, освоивме два бода, но од играта никако не смееме да бидеме задоволни. Видовме што им се случи на Црна Гора и на Србија, кои изненадувачки не успеаја да победат дома, па затоа на бодовите треба да им се израдуваме. Направивме премногу грешки, и во нападот и во одбраната. Ќе имаме доволно време да го анализираме овој натпревар протв Турција, но и тој во недела. Треба да одиме напред, но мора да учиме од сопствените грешки. Мотивација не ни беше на највисоко ниво, а тоа е голем проблем, бидејќи ние против сите репрезентации мора да играме дисциплинирано и концентрирано. Не чека СП за два месеци и мора да ги надминеме проблемите. Имавме за мотивација една публика, која ја наполни салата еден час пред почетокот, но не одигравме како што треба“, изјави Георгиевски.

Следниот натпревар Македонија го игра на гостински терен во Кожани против Грција, в недела со почеток од 16:00 часот.