Втор ИХФ ФОРУМ: Хајнер Бранд, Улрих Вилбек, Талант Душебаев ќе дискутираат за иднината на ракометот

Утре (среда,15.10.2014) едни од најпознатите ракометни тренери,поранешни ракометари, организатори на настани и спонзори, ќе земат учество на вториот ИХФ ФОРУМ кој ќе се одржи на Poul Due Jensen Academy of Grundfos, во Бјерингбро Данска, на која главна тема ќе биде -Иднината на ракометот.

Листата на учесниците ја потврдува важноста на овој настан со кој ќе претседава претседателот на ИХФ Др. Хасан Мустафа. Помеѓу 33-те учесници на овој форум свое учество ќе земат актуелните тренери на машките национални тимови на Полска(Мајкл Биглер), Данска (Гудмундур Гудмундсон), Шведска (Стафан Олсон), како и поранешни познати ракометари и тренери (Хајнер Бранд и Улрих Вилбек). Своето присуство го потврди и поранешниот двократен најдобар ракометар на светот и актуелен тренер на Киелце и Унгарската репрезентација, Талант Душебаев.

“Развојот на ракометот”, “Брендови, продукти, луѓе и канали”, “Иднината на ИХФ” ќе бидат главните теми на кои ќе дискутираат сите важни претставници од ракометниот свет.

Пред одржувањето на самитот беше испратена еден вид анкета до сите претставници кои се инволвирани во светот на ракометот (судии, тренери, играчи, медиуми, спонзори) со цел да се добијат идеи и мислења, на кој начин ракометот како спорт може да ја подигне атрактивноста на уште повисоко ниво. Резултатите од оваа анкета собрани од 450 вратени прашалници ќе бидат презентирани на престојниот форум.

Селекторот на Шведска, Стафан Олсон по повод овој форум вели:

Мислам дека ова е вистинскиот начин на работа. Со нетрпение очекувам да ги слушнам мислењата на овие компетентни луѓе за тоа во кој правец треба да се движи иднината на ракометот. Мислам дека еден од најдобрите начини да се регрутираат млади играчи за овој спорт, е да се задржи чекор со времето и да се користат сите модерни средства на располагање за оваа намена.