Второлигашки тренер од Норвешка ќе биде нов селектор на Шведска

Поранешниот норвешки репрезентативец Глен Солберг ќе ја преземе селекцијата на Шведска веднаш по завршување на Европското првенство во 2020 година.

47-годишниот Солберг ќе го замени Кристјан Андерсен на селекторската позиција, кој ќе се пресели во Рајн Некар Левен како замена за Николај Јакобсен. Тој потпиша четири годишен договор со шведската федерација.

Шведска го освои сребрениот медал на Европското првенство 2018 година, а на Светското првенство во Германија и Данска заврши на петата позиција. Целта на Солберг ќе биде да ја одржи Шведска постојано во европскиот и светски врв.

Тој го истакна задоволството што беше назнаечен за селектор на Шведска.

‚‚Чувството е прекрасно и јас сум неверојатно горд што ќе ја водам оваа фантастична селекција. Презадоволен сум што воопшто можев да се кандидирам за оваа работа‘‘, изјави Солберг кој има 112 настапи како централен бек за норвешката репрзентација.

Како играч има натапувано за Драмен, Нордхорн, Барселона и Флензбург, а сега е тренер на норвешкиот второлигаш Сент Халвард.

Неговиот прв официјален меч се очекува да биде на Олимписките квалификации кои Шведска би можела да ги игра во април во 2020 година доколку не го освојат шампионскиот трофеј на Европското првенство.