Во Скопје го „возеше“ ЖРК Вардар, сега се враќа со ганц ново „ферари“ – Веспрем!

По четири години поминати во Скопје во „црвено-црното“ семејство – што во машкиот, што во женскиот клуб Вардар, шпанскиот стратег Давид Дејвис се враќа во СЦ „Јане Сандански“, но сега како предводник на Веспрем. Во Скопје, Дејвис дојде заедно со Раул Гонзалез во 2014 година и приоритет му беше водењето на машката екипа на Вардар, но од друга страна, кога доби понуда да го води женскиот тим, стана позната неговата изјава дека „ферари не се одбива“.

Работеше одреден период паралелно и во машката и во женската екипа. Со мажите стигна до европската шампионска титула, додека со женскиот тим играше во финалето на Лигата на шампионите, но не стигна до трофејот.Сега е предводник на Веспрем, едно поинакво „ферари“. Дојде на жешката унгарска клупа по заминувањето на Љубомир Врањеш и успеа да го дигне тимот минимум едно ниво погоре од тоа што беше претходно.

Сепак почетокот на Дејвис на клупата на Веспрем не беше сјаен. Врзани порази во Лигата на шампионите од Рајн Некар Левен и Кристијанштад, пораз на домашна сцена од Татабања…Но тимот бргу се врати на победничките патеки, во серија е од четири победи во ЛШ, а на домашна сцена исто така победува убедливо.

Сите ѕвезди сега играат според очекувањата на навивачите, иако прибирливата унгарска публика не се задоволува така лесно. Со какво „ферари“ располага Дејвис?

На голманската позиција Дејвис ги има Роланд Миклер и Арпад Штербик, голманско дуо што би го посакала секоја екипа. Тие на стартот на сезоната не беа на посакуваното ниво, но како одминува сезоната, така и нивната форма се подобрува. Крилните позиции се одлично покриени со четворица врвни мајстори – Дејан Манасков, Мануел Штрлек, Гашпер Маргуч и Драган Гајиќ. На овие позиции нема прва и втора постава, па најчесто сите играат по едно полувреме.

Пивотменската позиција е покриена со Андреас Нилсон, Блаж Благотиншек и Рене Тофт Хансен. Во отсуство на повредениот Данец, најчесто шанса во напад добива Нилсон, а во одбрана Благотиншек. Главен во дефанзива е искусниот Мирсад Терзиќ. На бековската позиција Дејвис располага со одлични стрелци. Натпреварите најчесто ги започнува тројката Борут Мачковшек, Мате Лекаи и Кент Робин Тонесен, а потоа од клупата влегуваат Момир Илиќ, Петар Ненадиќ, Кентан Мае и Ласло Наѓ.

Веспрем можеби има подобри поединци од Вардар, но тимски, македонскиот првак е во предност. Натпреварот меѓу „црвено-црниот“ тим и новото „ферари“ на Дејвис се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:30 часот.