Висла Плоцк сериозно се засилува во обидот да го сруши Келце

Екипата на Висла Плоцк доведе нови засилувања во обидот да го сруши тимот на Келце. Вицепрвакот на Полска ги обезбеди услугите на 27-годишниот Филип Стенмалм и таленираниот Золтан Жита. И двајцата потпишаа двегодишни договори, а својата нова авантура ќе ја започнат од следниот месец.

Филип Стенмалм доаѓа од Екс ен Прованс. Во минатото настапуваше и за Дрот, Ла Риоха и Колдинг. Швеѓанец кој успешно ги брани боите на својата репрезентација. Може да се пофали со титулата за најдобар играч на Светското првенство до 21 година како и со настапи на Европското првенство во 2016, Олипмиските игри во Рио де Жанеиро и Мундијалот во 2017 година.

Золтан Жита важи за огромен талент на унгарскиот ракомет. Има 21 година и потекнува од академијата на Веспрем. Таму го оствари своето деби во најсилната лига на Унгарија за во 2017 година да му се придружи на Балатонфуреди. Тука дополнително го разви својот талент и стана клучен фактор во играта на својот довчерашен тим.

Неговите партии беа забележани од страна на тренерот на Унгарија, Иштван Чокнаи кој воедно му беше тренер во Балатонфуреди. Играше за својата земја на Светското првенство во Германија и Данска, каде запиша три настапи и постигна пет гола. Дополнителен позитивен фактор е тоа што Хавиер Сабате, тренерот на Висла Плоцк, работеше две години со Жита додека го водеше Веспрем.

Вицепрвакот на Полска со ваквите засилувања продолжува да му се заканува на Келце во трката за титулите во домашниот шампионат и куп.