Вардар со финалистки на СП: Лејно ја однесе Франција во финалето на Мундијалот

Голманката на Вардар, Амандин Лејно собра 12 одбрани на мечот против Шведска во второто полуфинале, а заедно со своите колешки се избори за победа од 24:22.

Таа беше играч на натпреварот, а нејзината одбрана на крајот од мечот беше само круна на сето она што беше сработено во текот на сите 60 минути.

Франција беше подобриот ривал на овој дуел иако Шведска се претстави исто така во одлично издание. Почетокот мина во надигрување, а Франција беше таа која ја имаше предноста. Постојано Шведска успеваше да остане во игра и да биде ривал за почит. Во финишот на првото полувреме дури беше и искористена кризата во играта на „триколорките“, па на одмор Шведска беше селекцијата која имаше предност.

Сепак, во вториот дел Франција одново ја врати предноста и го диктираше темпото до крајот на дуелот. Швеѓанките се надеваа дека ќе фатат нов приклучок, но работите не одеа најдобро, а Лејно успеа да ги одбрани и клучните шутеви со што само стана јасно дека на овој меч голманката на Вардар беше херојот на Франција.

Тоа значи дека Вардар ќе има две ракометарки кои ќе имаат медал од овој Мундијал, а в недела ќе се знае дали тоа ќе биде злато или сребро.