Вардар преку Загреб повторно на врвот

Екипата на Вардар забележа убедлива победа на домашен терен против екипата на ППД Загреб во рамките на групната фаза од Лигата на шампионите 25-20 (14-8) и се најде на врвот на табелата во групата Б.
Вардарци одлично го отворија натпреварот со серија од четири погодоци. По само пет минути поминати на теренот , тренерот на Загреб беше принуден да повика тајм аут, но и тоа не вроди со плод за неговата екипа. Вардарци ја зголемија предноста на плус пет преку погодокот на Деревен (5-0). Првиот погодок за гостинската екипа го постигна Златко Хорват во 8мата минута за (5-1). Во продолжението на првиот дел „ црвено – црните“ го задржаа истото темпо на игра и само ја зголемуваа предноста која на десет минути пред крајот беше плус шест (10-4). Добрите интервенции на Стевановиќ на голот го одржуваа Загреб во живот, но и покрај тоа вардарци со највисоки плус шест на своето конто(14-8) го завршија првиот дел од натпреварот.


Ракометарите на Загреб го отворија вториот дел преку погодокот на Јосип Валчиќ (14-9), но вардарци брзо возвратија преку Карачиќ и Чупиќ и му донесоа највисока предностна Вардар до тогаш (17-10). Следуваше период на игра со грешки и малку погодоци на двете страни, па на средината на второто полувреме резултатот гласеше (18-12). Во продолжението од натпреварот „плинарите“ се заканија со серија од 4-0 (21-17) , но тоа беше најмногу што можеа да направат. До крајот на натпреварот „црвено-црните“ само рутински го завршија натпреварот за конечни (25-20).
Најефикасен во составот на Вардар беше Алекс Дујшебаев со 7 погодоци, а Лука Циндриќ и Игор Карачиќ постигнаа по 4. Екипата на ППД Загреб ја предводеше Добривоје Марковиќ со 6 погодоци. На голот на Вардар , Арпад Штербик запиша 15 успешни интервенции, а Иван Стевановиќ кај ППД Загреб 12.