Вардар „Македонски“: Филип Талески со понуда да се пресели во „Јане Сандански“

Ростерот на Вардар за новата сезона сè уште не е затворен, а веќе се ангажирани нови ракометари. Покрај тоа што пристигаат странци во клубот се очекува да се најдат и репрезентативци на Македонија, а еден од оние коишто Вардар посакува да ги има во своите редови е левиот бек Филип Талески.

Филип Талески е под договор со екипата на Рајн Некар, има најмалку уште една сезона во бундеслигашот, но „црвено-црните“ имаат желба да го видат во своите редови и тој да биде еден од играчите од кој ќе се очекуваат голови од далечина во новата сезона. Талески може да биде ракометар кој ќе донесе многу во играта на Вардар, но тука ќе треба да се согласи и тој, а секако и неговиот клуб. Доколку Вардар има желба да го донесе во Скопје оваа сезона ќе мора да исплати големо обештетување на германскиот тим, секако доколку се исполнети остататите услови за преселба на високиот македонски репрезентативец во Скопје.

Младите ракометари се на мета на Вардар на иницијатива на почесниот претседател Михајло Михајловски, кој сака повеќе македонски играчи кои се дел и од репрезентацијата. Тој го најави ангажирањето на младите ракометари од Македонија пред извесно време, а сега полека почнува остварувањето на неговата визија за актуелниот европски првак.

Понуда за Талески постои, но наскоро може да има појасна слика околу тоа дали левиот бек би можел да го напушти Рајн Некар каде што не ја добива минутажата која што ја заслужува. Воедно Вардар ќе биде шанса за него за да игра натпревари од Лигата на шампионите (Рајн Некар сезонава не избори место и ќе игра во Купот на ЕХФ) и каде што сигурно ќе игра. Покрај тоа Вардар игра и во СЕХА-лигата каде што ќе има исто така уште квалитетни средби што секако ќе биде од корист и за него и за репрезентацијата на Македонија.

Јасно е дека тој нема да биде единствениот репрезентативец на Македонија кој Вардар планира да го ангажира бидејќи на списокот се наоѓаат уште неколку други играчи кои би можеле исто така да го облечат „црвено-црниот“ дрес.