Вардар ги обелодени цените на билетите за натпреварите од Лигата на шампиони

Во очекување на официјалното соопштение од управата на РК Вардар, на денешната прес конференција по повод приклучување на 24 регионални центри кон СД Вардар, извршниот директор на РК Вардар, Давор Стојановски ги соопшти првичните информации околу продажбата на билети за натпреварите во Лигата на шампиони.
Продажбата започнува во понеделник, преку мрежата на МК тикетс со четири категоризации за мажите и за жените.
За да го гледате македонскиот вице-првак РК Вардар на петте натпревари од Лигата на шампиони за блок карта треба да издвоите 1500 денари или поединечно за еден натпревар 350 денари, ВИП блок карта ќе чини 2250 денари или поединечно за секој натпревар 500 денари, а ВИП премиум картите ќе се продаваат по цена од 4500 денари или поединечно за секој натпревар по 1000 денари. Новитет се картите за стоење кои ќе се продаваат по цена од 500 денари за блок влезница или 120 денари за секој натпревар поединечно. Поединечните карти ќе се пуштаат во употреба само доколку не бидат продадени сите блок-влезници за оваа сезона.
За да ги гледате натпреварите на девојките од ЖРК Вардар, за трите мечеви од групната фаза во Лигата на шампионите цената на блок билет е 1350 денари или 350 денари по натпревар, блок билет за ВИП секторот ќе биде 1350 денари или 500 денари по натпревар, а премиум блок-карта ќе чини 2700 или 1000 денари по натпревар.

Сите натпревари ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, а отварањето е со мечот меѓу РК Вардар и Чековски Медведи кој ќе се одигра на 4 октомври. ЖРК Вардар својот прв натпревар од Лигата на шампионите во новата арена ќе го одигра на 25 октомври.