Вардарци поразени во Полска

Во деветтото коло од ЕХФ Велукс Лигата на шампионите, македонскиот шампион Вардар претрпе пораз од полскиот претставник Кјелце со резултат 23-20.

Раул Гонзалез се одлучи за Милиќ на голот на Вардар, а тој го отвори натпреварот со одбрана на ударот од седум метри на Бјелицки. Првиот гол на натпреварот го постигна Јурецки во втората минута, а на спротивната страна возврати Дујшебаев со гол од пенал. По бркотницата на теренот и изгубените топки на  на двете страни, Кјелце го постигна вториот гол за ново водство(2-1), но вардарци повторно бргу израмнија преку Горбок.

Агресивната одбрана на Полјаците резултираше со два пенали во рок од една минута, кои Вардар преку Дујшебаев и Манасков не успеа да ги претвори во погодоци. Лошата серија на Вардар продолжи со казната од 2 минути за Манасков на средината на првото полувреме. Постот на вардарци го прекина Горбок во 17-тата минута(5-3), но противниците веднаш возвратија преку Агинагалде(6-3). Агресивната одбрана на полскиот првак кулминираше со директен црвен картон за Кус, по остриот старт врз Сергеј Горбок. Највисоката предност за Полјаците во првото полувреме ја донесе Денис Бунтиќ со серија од два гола (9-4). Единствениот кој го одржуваше Вардар во живот беше голманот Милиќ и по неговата  десетта одбрана Дибиров успеа да поентира во последните секунди од првото полувреме за 10-6.

Второто полувреме го отвори Дујшебаев со првиот гол од игра. На спротивната страна Чупиќ постигна гол од пенал за (12-8). Вардарци имаа шанса да возвратат, но Дибиров не успеа да го совлада Шмал од линијата од седум метри. По четири минути без гол на теренот Горбок поентираше за 12-9. Вардарци не успеаа да ги консолидираат своите редови и во второто полувреме, а Кјелце влезе во серија од три гола за највисока предност од седум голови (17-10). Во тринаесеттата минута од второто полувреме Тимур Дибиров конечно го совлада Шмал на линијата од седум метри (17-11). Во продолжението на натпреварот Марсениќ влезе во форма и со својот трет гол во второто полувреме намали на 20-16. Последните минути од натпреварот се играше гол за гол за конечен резултат од 23-20.

Најефикасни во таборот на црвено-црните беа Горбок и Марсениќ со 5 погодоци, а Милиќ беше одличен на голот со 14 интервенции. Во спротивниот табор Јурецки запиша 5 погодоци.