“Вардарки” со пораз во Подгорица ја стартуваа новата сезона во ЛШ

Во првиот натпревар од овогодинешното издание на Ехф Лигата на шампионите во женска конкуренција, екипата на Жрк Вардар е поразена во Подгорица од екипата на Будуќност со 23-17 (12-9). Недоволната воиграност, големиот број на техничките грешки во нападот, како и одличната Марта Ждериќ на голот на Будуќност беа едни од главните причини за поразот на ЖРК Вардар.

“Вардарки” лошо го стартуваа овој натпревар и му дозволија на домаќинот уште на самиот почеток да се одлепи најпрво на 5-1, а потоа и на 9-4 во 16 минута. Големиот број на технички грешки во нападот како и одличната Ждериќ на голот на Будуќност, беа причината што Вардар имаше голема негатива во првиот дел.Пенезиќ и Лекиќ се обидуваа да го вратат нашиот тим во игра но црногорскиот состав успешно ја одржуваше предноста од +5, кога Кристина Неагу во 24 минута зголеми на 11-6. До крајот на првиот дел “црвено-црните” со серија од 3-1 успеаа да стигнат на -3 за конечни 12-9 на полувреме.Второто полувреме започна со нова серија од 6-2 за екипата на Будуќност која со голот на Цвијиќ резултираше со високи +7 (18-11) во 41 минута. Вардар се обидуваше да се врати во игра, но видлива беше недоволната воиграност на екипата на Индира Кастратовиќ. Со голот на Барбара Лазовиќ “црвено-црните” успеаа да намалат на -4 (19-15) во 49 минута, а во наредниот напад Андреа Пенезиќ ја пропушти шансата да намали на -3 кога извонредната Марта Ждериќ и одбрани удар од 9 метри. Марта Ждериќ беше извонредна во текот на целиот натпревар и несовладлива пречка на голот на црногорскиот состав. Во продолжението од натпреварот Будуќност со голот на Милена Кнежевиќ ја врати својата највисока предност од +7 (22-15) која ја задржа до крајот за конечни 23-17.

Андреа Пенезиќ беше најдобра ракометарка во “црвено-црниот” состав со 5 постигнати гола. Ина Суслина имаше 12 успешни интервенции.

Се чини дека во овој момент ова е реалност за екипата на ЖРК Вардар која со недоволно воиграна нова екипа, и без повредените Хмирова, Пино и Лејно и не можеше да покаже нешто повеќе во пеколната атмосфера во “Морача”.

Наредниот натпревар ракометарките на ЖРК Вардар го играат на 25.10 во арената “Јане Сандански” против Турингер.