Вардарецот Давид Дејвис ќе биде нов тренер на машката репрезентација на Русија

Помошникот на Раул Гонзалез во тимот на европскиот првак Вардар, Давид Дејвис ќе биде помошник на Едуард Кокшаров, кој е селектор на машката репрезентација на Русија. Вардаровото трио Самсоненко – Кокшаров – Дејвис ќе се обиде да ја врати „зборнаја“ во европскиот и светски ракометен крем откако не успеаја да се пласираат на следното ЕП 2018 во Хрватска.

Иако ја прифати оваа понуда, Дејвис и понатаму останува дел од екипата на Вардар така што ќе продолжи да соработува со Гонзалез и во текот на оваа сезона. Минатата сезона тој имаше многу работа бидејќи покрај тоа што работеше во машката екипа беше дел и од женскиот тим каде што беше прв тренер и имаше добри резултати бидејќи врза долга серија на победи.

Договорот за соработка паднал неодамна кога во Скопје беше претседателот на Ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев. Со оглед на тоа што координатор на машката репрезентација на Русија е Сергеј Самсоненко договорот не беше проблем, па во следните квалификации „Зборнаја“ ќе игра по „црвено-црни“ ноти бидејќи Кокшаров исто како и Дејвис имаше свој период на клупата на женската екипа на Вардар, а покрај тоа ја имаше и улогата на спортски директор.