Бугарките и вторпат лесен плен за младинките на Македонија

Нашата женска младинска репрезентација вторпат по ред ги совлада врсничките од Бугарија. Македонија славеше со 31:26 и на сличен начин како во претходната средба ги одмери силите за престојниот ЕХФ шампионат.

Бугарија во споредба со претходниот натпревар имаше далеку поорганизирана игра и доста остро ја започна средбата. Македонија имаше иницијатива, но никако не можеше да дојде до повисока предност. По стартните 4:4, нашата репрезентација дојде до прва двоцифрена предност до 6:4. Истото не значеше ништо бидејќи противникот одново покажа мотивираност и се врати за да изедначи.

Но, слично на првата средба, Бугарија доживеа пад на играта некаде при крајот на првото полувреме што им овозможи на нашите во последните десетина минути од првото полувреме да се стекнат со сериозна предност и да го добијат полувремето со 15:11.

Македонија го продолжи добриот ритам и во второто полувреме. Бугарија немаше лек за нашите шутови од бековска позиција, и иако на момент се доближи до минус два не успеа да дојде до позитивен резултат.

Јана Калајџиеска го покажа својот квалитет и со девет гола беше најдобар стрелец. Јована Кипријановска се истакна и на оваа средба погодувајќи пет гола. Кај гостинот, Мариа Маслева погоди шест, но и заработи исклучување на десетина минути пред крајот на дуелот.

Со две победи над Бугарија, Македонија успешно ја заврши ЕХФ неделата и се стекна со добро искуство за ЕХФ шампионатот кој се одигрува oвој јули во Литванија.