Брестовац ги одбра помошниците за во Металург

Новиот шеф на стручниот штаб на Металург, Данило Брестовац, го комплетира тимот на своите соработници. Прв асистент ќе биде Оливер Димитриоски, а тренер на голманите Петар Мисовски. Со цел да се подигне кондициската подготвеност на играчите, се преговара со врвни светски кондициски тренери од кои ќе биде избран најсоодветниот.

Металург ќе ги почен подготовките за новата сезона на 6 август, кога е планиран и првиот собир. Во следните три дена ќе се тренира во Скопје, а потоа екипата ќе замине во Маврово, каде традиционално ги минува висинските подготовки.

Во Маврово ќе се тренира сѐ до 18 август, а потоа тимот ќе замине во Струга, каде ќе се сретне со екипата на Вардар, во рамките на македонскиот Суперкуп. Овој натпревар е вметнат во програмата на струшкиот меѓународен турнир.

По средбата со Вардар, Металург ќе се врати во Скопје и ќе ги продолжи подготовките во Автокоманда. Во овој период се предвидени и неколку пријателски натпревари.
Првиот официјален натпревар е средбата со екипата на Вардар во рамките на првото коло од новата сезона во СЕХА-лигата, која стартува на 28/29 август.