Браќата Карабатиќ и Сердарушиќ за нов сјај во градот на светлината?

Според угледниот француски спортски медиум „Л’екип“, браќата Карабатиќ се блиску до потпишување на договор со ракометниот гигант ПСЖ.
Според информации на весникот Никола Карабатиќ, кој во овој момент е член на шпанскиот првак Барселона, минатата недела ги започнал преговорите со управата на Парижани. Сумата за која се преговара сеуште нема официјална бројка, но се претпоставува дека овој трансфер ќе биде најголем во историјата на ракометот со оглед на фактот што французинот има уште две години до истекот на договорот со каталонците.
Француските медиуми исто така започнаа да лицитираат со името на новиот тренер на ПСЖ, а како најсериозен кандидат е искусниот босански стратег Нока Сердарушиќ.
Сердарушиќ беше тренер на екипата на Кил додека Карабатиќ настапуваше за германскиот шампион. Преку трансферот на Никола, шанса да заигра за најдобриот француски ракометен колектив ќе добие и неговиот брат, Лука кој ако се остварат сите сценарија ќе го напушти десетопласираниот тим во француското првенство, Аих де Прованс, на чие кормило сега се наоѓа Сердарушиќ.
Браќата Карабатиќ се соочуваат со обвинение за местење на натпреварот меѓу Монплје и Сесон-Ренс, пред две сезони, кога двајцата настапуваа за Мопелје, додека нивниот ментор Звонимир Сердарушиќ во минатото се соочи со обвиненија за поткупување на судии на десет натпревари од Лигата на шампионите.