Борко остана без тренер: Бенџамин Павони заминува од Кретеј

По две и пол години поминати во францускиот тим од предградието на Париз, тренерот на екипата на Кретеј Бенџамин Павони ја напушта функцијата.
Под водство на францускиот стратег, Кретеј оваа сезона се врати во елитното друштво на француската лига, а во летниот преоден рок, управата сериозно ги засили своите редови и постави повисоки цели и амбиции. Но на полусезоната Кретеј е при дното на табелата со 9 поени од 14 одиграни натпревари во најсилната француска лига, повод да се воведат промени.
Како што наведува угледниот „Ле Парисиен“, како причина за смена на тренерот, претседателот на клубот ја потенцирал тензијата која постои меѓу одредени ракометари и Павони. Ракометарите ги продолжуваат клупските обврски на 5 јануари, а до тогаш треба да се знае името на новиот тренер на екипата.
За наследник на клупата на Кретеј се споменува Кристијан Гаудин, кој бранеше за екипата од Париз во сезоната 1994/1995, а како тренер успешно го водеше Сент Рафаел девет години.
По лошите резултати и променливата игра на бундеслигашот Хамбург, Гаудин минатата недела ја загуби позицијата тренер на екипата и сега е во потрага по нов ангажман.