Борко му донесе бод на Кретеј

Иако екипата на македонскиот репрезентативен голман, Борко Ристовски беше во предност во текот на целиот натпреварот, на крај Сент Рафаел успеа да извлече бод од тешкото гостување во предградието на Париз. По одиграното петто коло Кретеј останува при дното на табелата со само три бода, односно една победа, еден нерешен резултат и три порази.

Најдобриот поединец во екипaта на Кретеј, Хуго Деска го отвори овој натпревар, а Сент Рафаел не му дозволуваше на домаќинот да ја зголеми предноста се до 8-та минута кога започна одличната серија од 5-0, а заврши во 14-та минута со водство на Кретеј од 10-5. Најголемата разлика на семафорот, Кретеј ја создаде во 24-та минута со голот на Дејан Малиновиќ за 16-7. До крајот на првото полувреме Сент Рафаел успеа да ја намали предноста на домаќините на седум голови предност 19-12.

Во очајното второ полувреме за екипата на Ристовски, кога домашните фанови веќе ја впишаа победата на домашните ракометари, Сент Рафаел со пресврт донесе огромно изненадување и славје за гостите. До 40-та минута Кретеј ја одржуваше резултатската предност од полувремето и со голот на Торомановиќ го постигна 28 погодок на натпреварот. Но во последните 20 минути на секој гол на Кретеј, Сент Рафаел одговараше со два. Огромното водство почна да се топи, а во неизвесната завршница првото израмнување во вториот дел се случи на четири минути до крај, 33-33.
Во последната минута Кретеј имаше шанса да ги осигура двата бода, но противничкиот голман го одбрани ударот на Серхио Де Ла Салуд, тоа им овозможи на гостите да дојдат до првото водство на натпреварот, сепак во последните моменти од средбата, Борко го одбрани ударот на Мирослав Јурка за поделба на пленот и конечен резултат 35-35.

За Кретеј, Хуго Дескат стрелаше прецизно 10 пати, додека Борко Ристовски имаше 11 одбрани, на спротивната страна убедливо најефикасен беше Рафаел Кошет со 15 погодоци.