Борба за последните три места кои водат во групната фаза на ЕХФ Лигата на шампиони

Денес во Виена со почеток од 14:00 часот ќе се одржи ждрепка по која ќе бидат познати квалификациските групи, преку кои 12 екипи ќе се борат да стигнат до последните три места кои водат во групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите.

Сите 12 екипи ќе бидат распоредени во 4 “шешири”. Помеѓу тимовите го имаме и минатогодишниот учесник на финалниот турнир на ЕХФ купот, екипата на Констанца, како и два нови тимови во имињата на Јуниор Фасано од Италија и екипата на Таргос Бево од Холандија.

Квалификациите ќе се одржат на 6 и 7 септември. Екипите ќе бидат поделени во 3 групи и победникот од секоја група ќе го обезбеди својот билет за настап во групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите.

Во секоја група ќе се играат две полуфиналиња. Во првото полуфинале ќе се сретнат екипи од првиот и четвртиот шешир, додека второто полуфинале ќе го сочинуваат екипи од вториот и третиот шешир. Денешната ждрепка ќе го даде одговорот кои ќе бидат полуфиналните парови, и ќе се одреди и кои екипи ќе бидат домаќини на турнирите.

“Шешир” 1: Мотор Запорожје (Украина), Брест Мешков (Белорусија), Констанца ( Романија)
“Шешир” 2: Војводина (Србија), Порто (Португалија), Хаслум ( Норвешка)
“Шешир” 3: Татран Прешов (Словачка), Алпла (Австрија), Бешикташ (Турција)
“Шешир” 4: Таргос Бево (Холандија), Хубо Хаселт (Белгија), Јуниор Фасано (Италија)

Откако победниците од секоја група ќе го обезбедат своето место во групната фаза на Лигата на шампионите, второ и трето пласираните тимови ќе продолжат да се натпреваруваат во третото квалификациско коло на ЕХФ купот, додека пак четврто пласираниот тим ќе продолжи од второто квалификациско коло на ЕХФ купот.

Главната ждрепка за групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите во која свое учество ќе земе 21 екипа, на програмата е утре (Петок, 27 јуни).

Денешната ждрепка за квалификациите за пласман во групната фаза може да гледате директно на следниов линк