Бебешко повеќе не е тренер на Мотор Запорожје

Украинскиот шампион и учесник на групната фаза од Лигата на шампионите, Мотор Запорожје ја заврши соработката со легендарниот Сергеј Бебешко.
Мотор успешно се натпреварува во Лигата на шампионите, а моментално се наоѓа на петтото место во групата Д и сеуште има шанса да се квалификува во следната фаза. За да го повторат минатогодишниот пласман потребна им е победа против Алборг на 15 фебруари. Управата на Украиците не остави ништо на случајноста. По падот на формата на украинскиот првак кон крајот на полусезоната и последниот пораз од ЗТР Запорожје, Сергеј Бебешко доби отказ. Заедно со него излезната врата им беше покажана на шпанскиот плејмејкер Ангел Перез и белорусинот Александар Титов. Замена за Бебешко на клупата на Мотор ќе биде неговиот досегашен помошник Николај Степанец.
Управата на клубот на чело со претседателот Олимпиј Покатов, спогодбено ја прекина соработката со Бебешко. Мотор со поранешниот тренер го постигна најголемиот успех во поновата историја на клубот, кога два пати во низа се пласираше во групната фаза, а минатата сезона и меѓу последните 16 екипи во Лигата на шампионите.
Новиот тренер Степанец пред пристигнувањето на Бебешко ја водел екипата на Мотор до првата титула во домашниот шампионат.