Барселона ја одбрани „Супер глоуб“ титулата

Во финалето на светското клубско првенство кое изминатава недела се одржуваше во главниот град на Катар, Доха, шпанскиот гигант, екипата на Кирил Лазаров- Барселона ја совлада домашната екипа на Ал Садд со резултат 26-34 и ја потврди минатогодишната титула на овој традиционален турнир. Ова е трета титула за Кирил Лазаров кој претходно беше победник на „Суперглоуб“ со Атлетико Мадрид(Суидад Реал) и Барселона.

Целиот финален натпревар помина во комплетна доминација на каталонците, Барселона ја контролираше играта и темпото, а по првите 30 минути резултатот беше 14-16. Клучното водство каталонскиот клуб го создаде во почетните 3 минути кога направи серија од 3-0. Таа сигурна предност ја одржуваше и во текот на првите 30 минути.

Почетокот на вториот дел донесе нови возбудувања, по првиот контранапад во второто полувреме крилниот играч на Ал-Садд, Албиши постигна гол и намали на 15-16. Неизвесните еден гол предност, катарците ги задржаа до 6-та минута, кога со серија од 4-0, Барселона се оддалечи на пристојна предност од пет голови (18-23), за потоа да ја зголеми на највисоки 21-31 со голот на Карабатиќ во 51-та минута. До крајот искусните ракометни ѕвезди од шпанскиот шампион само ја зачуваа убедливата предност за конечни 26-34.

Рутенка, Гурбиндо и Томас беа најпрецизни во победничкиот тим со пет погодоци, додека Кире Лазаров погоди четири пати за својот тим. Кај поразената екипа Амин Банур погоди 6 пати.

Финалето го судеше македонската судиска двојка, Славе Николов и Ѓорги Начевски.

Во малото финале, победникот на Лигата на шампиони, гермаскиот Фленсбург доминантно го освои третото место совладувајќи ја екипата на Зоран Кастратовиќ со 27-17 (15-6).