Атомски ракомет следнава сезона: Кил, Рајн Некар, ПСЖ, Веспрем пристигнуваат во Скопје!

По завршувањето на ждрепката за групната фаза во Лигата на шампионите едно е сигурно. И наредната година Скопје и Македонија дефинитивно ќе пулсираат во ритамот на ракометното лудило. Гледајки ги тимовите кои ќе гостуваат во Скопје несомнено ќе биде така иако мора да признаеме дека нашите претставници Вардар и Металург нема да имаат ни малку лесна задача.

Металург ќе игра во групата А заедно со екипите на повеќекратниот германски и европски шампион Кил, моќниот ПСЖ, хрватски Загреб, видно засилената Ла Риоха од Шпанија,како и победникот од квалификациската група 1 (Мешков Брест, Татран Прешов, Војводина и Таргос Бево).

Вардарци пак ќе се натпреваруваат во групата Ц, во друштво на учесникот на овогодишниот “фајнл-фор” во Келн екипата на Веспрем, германски Рајн Некар Ловен, тимот кој минатата сезона демонстрираше извонреден ракомет и според многумина незаслужено испадна од Барселона во четврт-финалето, потоа секогаш незгодниот словенски претставник Целје, Чеховски Медведи од Русија и француски Монпелје.

Извонредно тешки групи за македонските ракометни претставници кои ветуваат уште една незаборавна ракометна година за Скопје и Македонија.

Интересно ќе биде и во групата Б каде Барселона ќе има можност да му се реваншира на Европскиот првак Фленсбург за елиминацијата во полуфиналето на “фајнл-фор” турнирот во Келн.

Останати групи:

ЛШ групи мажи