АНКЕТА: Според Вас која македонска екипа има најдобро „табло“ за сезона 2019/2020?

Актуелниот освојувачот на Купот на Македонија, Металург од Скопје ќе започне ново поглавје во својата историја. По низа успешни години, во последниот период проблематичниот Металург кубури со финансиските средства, затоа некогашната моќна машина од септември повеќе нема да ја гледаме меѓу елитата во Лигата на шампионите. Затоа Металург се реструктуираше, започнува нова приказна со амбициозен и млад играчки кадар и анонимен странски тренер, ако е за поука така некогаш викавме и за Раул Гонзалез и Гарсија Парондо…

Тимот на Еурофарм Работник минатата сезона го оствари најголемиот успех во кратката клупска историја. Играше во групната фаза на Купот на ЕХФ и го обезбеди второто место во македонскиот шампионат веднаш зад Вардар, а со тоа се пласира во регионалната СЕХА лига. Но во новата сезона тимот предводен од Стевче Алушовски го очекуваат уште поголеми предизвици со настапите во Лигата на шампионите, а пристапот и новата структура на ракометари ги креваат и амбициите на битолскиот суперлигаш.

Актуелниот македонски шампион е изненадувањето на сезоната во ракометна Европа. Прво им одржа лекција по храбра и борбена игра и искусно ги реши арогантните унгарски вицерпваци Пик Сегед, а потоа испиша нова клупска историја. Вардарци веќе втора година имаат финансиски потешкотии, платите се уште не се комплетно подмирени, и токму затоа никој од нив не бараше титула во Лигата на шампионите. Но „црвено-црните“ покажаа карактер, иако двапати претходно заминуваа со наведната глава по дуелите со Барселона, иако шпанскиот гигант се радуваше и во Скопје, на Фајнл Фор турнирот во Келн Вардар беше подобриот спортски колектив. Тимски дух, борбеност, жар и спортска среќа им овозможија на македонските шампиони да станат великани, по втор пат во две години ја покорија Европа. Како актуелни прваци во елитното натпреварување пред Вардар е обврска да се биде на висина на задачата. Од клубот заминаа неколкумина клучни ракометари, а меѓу нив вардаровата икона Игор Карачиќ. Се промени тренерот, но системот останува ист, сега на потег е карактерот на вардарци. За успех мора да се има хемија, затоа деталите ќе ја одлучат судбината на вардаровото семејство, а многу работи ќе зависат од тоа како ќе се вклопат во „црвено-црниот“ мозаик новите имиња во тимот.

Според Вас ќе издржи ли Вардар на три фронта, кој ќе биде (старо) новиот македонски шампион, може ли некој македонски колектив да се доближи до европскиот првак? Какво е вашето мислење кој тим има најкомактен ростер за наредната сезона?