Андон Бошковски: Убеден сум во успех на овој клуб!

Ракометната есен во Супер лигата ќе ја донесе највозбудливата полусезона во македонскиот ракомет. Металург им се враќа на настапите во регуларната сезона, Пелистер ќе се обиде да го зачува реномето на клубот, а Охрид со амбициозна екипа очекува изненадување во македонскиот ракомет.

По подолга пауза на македонското ракометно небо се враќа амбицијата во уште една скопска екипа, РК Работнички. Оваа сезона со нови раководни лица, докажани ракометари и млади и полетни таленти, најстариот ракометен колектив предводен од Андон Бошковски ќе се обиде да им ги заплетка конците на некогашните европски ракометни великани.

Собраното искуство во најсилната лига на светот, уникатната перспектива која тренерот на екипата Андон Бошковски ја почуствувал на обете ракометни страни на главниот град, го прават идеален кандидат за започнување на ново скопско ракометно поглавје, овој пат со Работнички.

ЗОШТО НАПРАВИВТЕ ТОЛКУ ДОЛГА ПАУЗА ОД РАКОМЕТОТ?

БОШКОВСКИ: После 15 години во ракометот несакајќи земав одмор кој мислев дека ќе трае шест месеци, но се продолжи на година и пол. Првите шест месеци ми поминаа убаво, пратејки ги настаните во македонската ракометна лига 2013-2014 година, Лигата на шампионите, Европското првенство во Данска. Исто така имав време да сумирам некои работи кои ми се случиле до тој момент во кариерата, имаше понуди од домашни и странски екипи кои дел поради фанансиски, дел поради други причини не беа реализирани и ме спречија да направам еден чекор понапред во кариерата.

ЈАНУАРИ 2015 ГОДИНА СЕ РАЃА ИДЕЈАТА ЗА НОВИОТ РАБОТНИЧКИ…

БОШКОВСКИ: Во јануари 2015 година во еден неврзан разговор со сè уште актуелниот играч, а во иднина и директор на клубот, Ванчо Димовски и поранешниот претседател на Металург, Ристо Чокрев ја активиравме идејата која ја промовиравме во 2004-2005 во тогашниот Металург, дали можеме да направиме успешна скопска ракометна приказна. Сепак чекавме конечен одговор од Ванчо Димовски кој сè уште беше со репрезентативни обврски и на крајот дојдовме до заклучок дека треба да се стартува еден ваков проект. На почетокот нормално си дадовме еден месец да размислиме на кој начин ќе функционира сето ова, и се одлучивме за една приказна која нема да биде сосема нова, а Работнички е можеби најстариот клуб со долга традиција. Екипата во последниве четири-пет години е водена од мој поранешен ракометар од таа прва генерација кога бев тренер во Работнички, проф.др Влатко Неделковски. Во периодот кој што следуваше имавме разговори со актуелното раководство на Работнички кое излезе во пресрет на нашата идеја. Нашата цел беше да започнеме речиси од нула, а тие клубот веќе го имаа донесено во македонската Супер лига, и како последно и можеби главно се наметна прашањето за финансиската конструкција со која ќе го стартуваме овој проект.
Нашата првична цел беше РК Работнички да се потпре на млада ракометна сила, но тоа во ова наше модерно време на живеење не викам дека не е можно, можно е, но е потребен подолг временски период за да се соберат потребните средства, па затоа се одлучивме за опцијата со пет-шест постари и квалитетни ракометари во комбинација со младите сили со кои располага Работнички и она што се нуди и е достапно на ракометниот пазар. За жал кај нас во Македонија како и за многу други работи се крена преголема прашина, бевме претставени како клуб зад кој стојат влијателни луѓе кои инвестираат голема сума на пари и со самото тоа се наметнаа многу големи очекувања од нас како клуб. Сакам да напоменам дека сето ова е една нормална ракометна приказна за македонски услови, со сосема нормални финансиски вложувања која сакаме успешно да функционира на подолг временски период. Целта ни е преку нашата работа да ги освоиме љубителите на ракометот, повеќе ќе се фокусираме на работа отколку на маркетинг, бидејки сметам дека е многу поважно овој проект да трае долго време отколку на почетокот да се инвестира голема сума на пари, а сето тоа да заврши за многу краток период. Затоа велам дека ова ќе биде еден почеток во кој јас стартувам како главен тренер на клубот, што не значи дека после шест месеци нема да го отстапам местото на некој друг. Во овој Работнички ќе бидат добредојдени сите оние добронамерни луѓе кои ќе сакаат да помогнат со идеи, бидејки не е сè во финансискиот дел, а наша цел е токму спортот да го ставиме во прв план, пред некој други неважни работи кои за жал во Македонија имаат приоритетно место. Токму заради тоа започнуваме со овој проект кој ќе претставува еден голем предизвик за сите нас во клубот, особено откако се крена според мене непотребната медиумска помпа, но сепак свесни сме во што влегуваме и се надевам дека пред сè ќе селектираме добри ракометари и ќе играме добар ракомет. Првична цел оваа сезона ќе биде да влеземе во ВИП Супер Лигата, и доколку ни се пружи шанса да се пласираме меѓу првите четири-пет екипи со што би избориле настап во европските купови. Ние во овој момент не сме фаворити во однос на македонските клубови, ова не го кажувам како евентуално алиби, туку од причина што ние сме нов проект кој штотуку започнува со работа и има пред себе голем пат кој треба да го помине. Конкурентите во Македонската лига не викам дека имаат поголема традиција од нас, но во овој момент имаат нешто повеќе од клубот којшто ние го земавме. Од она што можам да го забележам во овој преоден рок после долги години ќе имаме супер интересно првенство што посебно ме радува.

СО РАБОТНИЧКИ ВЕ ВРЗУВААТ ВАШИТЕ ПОЧЕТОЦИ. КАКО СЕ ОДЛУЧИВТЕ ЗА РАКОМЕТ?

БОШКОВСКИ: Па добро, мојот татко (н.з Лефтер Бошковски) 45 години беше тренер во нашата држава. Ракомет тренирав многу краток период, започнав во Вардар, но најубавиот период го поминав во Работнички каде бев позајмен заедно со сега веќе уште еден голем ракометар, Данило Брестовац. Во Работнички останав сè до мојата повреда, имавме доста талентирана генерација за што сведочи фактот дека добар дел од нив подоцна го облекоа репрезентативниот дрес. Во 95-96 година добар дел од тие ракометари го надраснаа Работнички и заминаа, а во тој период мојот ментор и многу добар пријател Љупчо Савевски кој според мене е најдобар тренер кој Македонија го имала, ме повика да му се придружам во еден проект кој се нарекуваше Југ Бутел. Собравме околу педесетина млади деца со кои трениравме во училишната сала на ГУЦ, меѓутоа тоа траеше краток период, околу четири месеци. Тогашниот спонзор замина од клубот, а од клубот замина и Љупчо Савовски . Јас ја префрлив целата екипа во Работнички, а од младинската екипа на Металург која тогаш испадна се приклучија неколку ракометари и создадовме симбиоза од една супер генерација во која играа Ванчо Димовски, Лазо Мајнов, Благоја Весиќ, Влатко Неделковски и други квалитетни ракометари кои останаа во овој спорт. Тоа беше навистина прекрасен период кој траеше околу две години, но немавме финансии и управа, и во 1998 година сите тие ракометари освен Ванчо Димовски кој замина во Вардар, отидоа во Југ и токму благодарение на нив Југ се врати во Супер Лигата. Следуваше период од три-четири години во кој се посветив на женскиот ракомет, каде по моја селекција беше формиран РК Олимпик Аеродром кој за две години успеавме да го внесеме во Супер Лигата. Во 2003 година добив покана да заминам во РК Металург на чие чело беше Љупчо Савевски и од тогаш започнува тој проект Металург во кој поминав долг период, а во 2005-2006 за прв пат станав шампион во историјата на Металург заедно со Јовица Цветковиќ, станав младински првак, наредната година на три кола до крајот останав сам на клупата и успеав да го пласирам Металург во Лигата на Шампионите. Потоа заминав во Богданци, во Металург се вратив во 2008 каде настапувавме во ЛШ. Но морам да потенцирам дека љубовта кон Работнички остана засекогаш, бидејки мојот татко долги години беше тренер во Работнички и Вардар, но Работнички секогаш ме асоцираше на градски клуб, иако за жал никогаш немаше добра управа, а имаше одлични ракометари. Ако се вратиме малку во историјата, Вардар кој беше многу помоќен секогаш кооптираше ракометари од Работнички. Денот кога Работнички престана да функционира, немаше повеќе скопски ракометари кои би можеле да одат во Вардар, затоа Вардар мораше  па почне да пазари во регионот. Поради таа љубов, таа традиција, поради мојот родител, а пред сè поради Ванчо Димовски со кого сме заедно во оваа приказна се одлучив на овој чекор. Јас сум убеден во успех на овој клуб, без разлика дали јас сум во приказната или не. Како сето тоа ќе се развива ќе покаже времето, имаме искуство, за знаење ќе видиме.

ПОСТОИ ЛИ НЕКОЈ СТРАТЕГ ОД КОЈ СТЕ НАУЧИЛЕ НАЈМНОГУ?

БОШКОВСКИ: Во мојата кариера сум познат како помошник тренер, а во суштина бев долги години прв тренер на Работнички. Бев помошник на Јовица Цветковиќ, Љупчо Савевски, долги години бев дел од репрезентацијата на Македонија и можеби најголемите успеси ги поминав со репрезентацијата во времето на Илија Темелковски и Звонко Шундовски, бев помошник на Лино Червар во втората ера на Металург, две фантастични години во Вардар со Веселин Вујовиќ и три месеци во Вардар со Зоран Кастратовиќ и како прв тренер Сергеј Самсоненко, исто така бев дел и од стручниот штаб на Ивица Обрван. Од сите овие луѓе научив и добро и лошо.  За еден  човек кој се занимава со спорт најубаво нешто кое може да му се случи во животот е да биде дел од националната репрезентацијата, ја имав таа среќа да бидам на Светското првенство 2009, да ги поминам квалификациите за Европското во Србија, да бидам во Србија и да бидам на олимпискиот квалификациски турнир во Гетеборг.  По сите успеси и падови, нешто што највеќе ме боли и ќе ми остане во сеќавање за цел живот се олимписките квалификации и пропуштената шанса за Олимписките игри во Лондон. Многу имам научено и од самите играчи, но ако треба да издвојам некого од кој имам најмногу научено тоа би биле Љупчо Савевски и Лефтер Бошковски. Доколку ме прашувате кој период од мојата кариера ми бил најубав, тоа е годината помината со Цветковиќ и годината помината со Вујовиќ и сè она што работев со Љупчо Савевски. Никогаш не сум имал ракометни идоли, можеби Нока Сердарушиќ, но за мене тренерски идоли биле Ранко Жеравица, Ацa Николиќ, Радомир Шапер, Бора Станковиќ и Божидар Маљковиќ, иако не живеев во нивно време, тие луѓе го градеа спортот и тоа ги прави посебни, а сите останати кошаркарски тренери по нив само ја надградуваа нивната работа. За мене тренерот е господин, а овие луѓе беа господа во спортот.

Јас сум задоволен од моите 15 години поминати во ракометот, се надевам ќе бидат уште барем 15.

КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА НОВИОТ РАБОТНИЧКИ?

БОШКОВСКИ: Во стручниот штаб ќе имам помош од Академија Алушовски, односно Стефче Алушовски и Благоја Весиќ, а  во работа на екипата ќе учествува и проф. Влатко Неделковски. Околу играчкиот кадар веќе беа најавени Никола и Велко Маркоски, Златко Мојсоски, Мите Стоилов, Александар Стефановски и Јане Цветковски. Моја желба беше Гоце Ојлевски на левата крилна позиција, но тој замина за Одорхеи, затоа инсистирав да се доведе Вања Илиќ, а македонската јавност ќе може да се увери дека се работи за квалитетно засилување. Во преговори сме со Ренато Вугринец и многу е веројатно дека ќе се појави на првиот собир на екипата, тој ќе биде од огромна помош за екипата, пред се од човечки, а потоа и од играчки аспект. На централната бековска позиција ќе игра Немања Марсениќ, а останатите ракометари не се толку афирмирани, дел се од младинската школа на Вардар, и сето тоа треба добро да се вклопи. Доколку успееме да се пласираме во плеј-оф фазата на македонската Супер лига, ќе се засилиме со уште неколку ракометари, но наше најголемо засилување треба да бидат овие три месеци. Наша главна цел ќе биде воигрување на екипата, оние кои веќе ги спомнав треба да се вклопат со оние помладите и да се добие вистинскиот изглед на тимот.

КОЛКУ ВРЕМЕ Е ПОТРЕБНО ЗА ВОИГРУВАЊЕ НА ЕДНА НОВА ЕКИПА КАКО РАБОТНИЧКИ?

БОШКОВСКИ: Сега не можеме да се мериме ниту со Вардар, ниту со Металург, па дури и доколку во клубот влезат огромни финансии. Сепак тоа се клубови кои долги години работат и имаат некоја структура,  кај нас сега сè се создава. Не дека немаме искуство, но потребно е време за сето тоа да се вклопи. За клубот да има некои оптимални услови потребно е барем две години, секако тука ќе треба да се гледа и резултатот, веруваме во тоа што го почнавме, веруваме во победа. Што значи победа ќе покаже времето, за нас победа е овој клуб да дојде на едно нормално ниво, клуб кој ќе трае уште долги години, нема да се доцни со плата, каде што ќе има добри млади селекции, каде што доколку луѓето одлучат да заминат од клубот секогаш со гордост ќе се вратат назад или ќе имаат само пофални зборови. Не би сакале да ни се случи клубот да го бојкотираат 20 играчи или да ни се случи клуб да престане да се натпреварува на полусезона, бидејќи за мене тоа е неуспех.

ДАЛИ РАБОТНИЧКИ ИМА ЗАЦРТАНА ЦЕЛ ЗА ОВАА СЕЗОНА?

БОШКОВСКИ:Сакаме да влеземе меѓу четирите екипи кои ќе се пласираат во плеј-оф фазата на Супер лигата, ако ја исполниме првата цел ќе размислуваме за понатаму.

Со сите екипи  со кои играме сме аутсајдери бидејќи сме почетници, ние ќе продолжиме да работиме како мислиме дека треба, и доколку ние сме задоволни и среќни воопшто не ме интересира што ќе мислат останатите екипи.