Андон Бошковски: Струшкиот турнир е еден од најдобрите во Европа во моментов

Првиот натпревар со кој ќе се отвори 46. издание на Струшкиот турнир ќе биде одигран меѓу екипите на Струга и Железничар, а ова ќе биде убаво отворање за домашниот состав.

Овој дуел стартува од 17 часот, а тренерот на стружани Андон Бошковски очекува интересен турнир.

„Во моментов ова е еден од најдобрите турнири во Европа. Според квалитетот не сме во структурата на екипите кои се на турнирот. За нас ова ќе биде за собирање на искуство. Имаме и светски и олимписки шампиони, луѓе кои освојувале Светски и Европски првенства, како и репрезентативци. Ова е одлично за Струга како домаќин. Се надевам дека целиот труд којшто го вложи Наумче Мојсовски ќе придонесе за одличен ракомет. Мислам дека ќе се ужива во натпреварите и дека и следната година со задоволство ќе бидат тука. Најважна е традицијата, а ова е 46 година на Струшкиот турнир и очекувам да се дојде и до 50 години“, изјави Андон Бошковски.

Ракометарите на Струга очекуваат да одиграат квалитетно и ова ќе им биде голем предизвик

„Трениравме напорно. Имавме тешки натпревари. Ќе дадеме сè од себе на теренот. За нас ова е ново искуство. Не сме од рангот на другите екипи, но ќе се потрудиме да дојдеме до што подобар резултат“, изјави Цвете Кузманоски.