Анализа ЖРК Вардар- Динамо Синара: Девет голови надеж…

Од 19 часот ракометарките на Вардар ќе го одиграат последниот натпревар од групната фаза на Лигата на шампионките, сериозен испит за тимскиот дух на големите ѕвезди во „црвено-црниот“ дрес.
Досегашниот променлив настап на македонскиот шампион во европското натпреварување е поука за претпазливост во прогнозите пред почетокот на натпреварот во „Јане Сандански“.
Рускиот шампион е добро позната екипа за дел од колективот на Вардар, Хмирова, Суслина, Черноиваненко и Ихнева своевремено биле дел од тимот на Динамо или настапувале во руското првенство против него. Екипата на Динамо не крие нови изненадувања, одличните бековски предиспозиции на Акопјан, Кончетова и Дмитриева се главните адути на оваа екипа. Доколку Вардар сака да избори шанса за втората позиција на табелата мора да ги совлада русинките со разлика поголема од осум погодоци. За да успее во тоа потребна е огромна помош од Суслина и одбраната која во досегашниот тек на натпреварувањето не се покажа на вистинско ниво.
Математиката вели дека за освојување на второто место на табелата во група 1, Вардар треба да го победи Динамо Синара со најмалку девет погодоци, но при тоа Турингер да загуби од Лајпциг во германското дерби. Во случај на победа на Вардар со помалку од осум голови, утрешниот дуел меѓу Турингер и Лајпциг нема да има никакво значење за поредокот во кој Вардар ќе биде третопласиран. Доколку Вардар победи, но победа извојува и Турингер тогаш во кругот од три екипи со ист број бодови предност ќе има Динамо Синара поради повеќе освоени поени во меѓусебните дуели на трите екипи, по нив ќе следува Вардар, а на последно место ќе биде Турингер. Во случај на пораз на Вардар, победата на германскиот шампион ќе ги спушти Вардарки за едно место подолу односно на четвртата позиција.

Во овој момент, Вардар може самостојно да го избори третото место на табелата, кое носи дуел со второпласираната екипа од Група 2, унгарскиот шампион и актуелен освојувач на Лигата на шампионите, Ѓер.
Секое изненадување во германскиот дуел кој е на програмата утре ќе биде огромна услуга за македонскиот првак и ќе донесе значително полесен противник во името на Баја Маре, Виборг или Мец во елиминациската фаза.
Но дотогаш Вардарки мора да го положат денешниот испит, да ја одиграат најдобрата партија во досегашниот тек на натпреварувањето и да докажат дека индивидуалните квалитети на ракометните ѕвезди се доволни да се преброди играта без идентитет.