И Бешикташ успеа да го добие Е. Работник

Екипата на Бешикташ денеска го одигра првиот натпревар на Струшкиот турнир и успеа да дојде до победа од 31:29 против Е. Работник. Задачата беше исполнета, а еден од подобрите на теренот беше репрезентативецот на Македонија, Немања Прибак.

Средбата почна со игра гол за гол. И на двете страни имаше расположени играчи во нападот кои лесно успеваа да стигнат до реализација. Бешикташ беше тимот кој успеваше да поведе, а битолчани постојано израмнуваа.

Првпат екипата на Бешикташ стигна до предност од да гола при 5:3, но тука беше направена најголемата серија. Е. Работник успеа да дојде до четири гола и тука да поведе со 7:5.

До средината на првото полувреме одново беше обезбеден нерешен резултат. Бешикташ се врати во игра и израмни на 8:8, а потоа Е. Работник беше тимот што поведуваше. Сепак, не успеа одново да стигне до поголема позитива, па на крајот на првиот дел беше 15:15.

Во второто полувреме текот на настаните беше речиси идентичен. Повторно се играше гол за гол, но Е. Работник имаше контрола. До 45. минута ниту еден тим не се одвои, а тогаш се случи битолчани да стигнат до 24:22. Сепак, тука Прибак ги зеде работите во свои раце и успеа трипати по ред да погоди и да допринесе за израмнување на 25:25 и да донесе неизвесност во завршницата од средбата.

Немања Прибак беше играчот кој донесе и два гола плус. Тој постигна пет од шестте погодоци од 23. до 28. гол на Бешикташ, а тоа донесе предност која се чуваше до крајот за победа од 31:29 и први бодови за тимот од Турција. Составот на Е. Работник шансата за поени ќе мора да ја бара на средбата против Тулуз.

БЕШИКТАШ – Е. РАБОТНИК    31:29 (15:15)

Игралиште на „Женска плажа“ во Струга. Гледачи: 300. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

БЕШИКТАШ: Гунај (3 одб.), Хендави (5 одб.), Ајтак, Каратај, Сарак 1, Прибак 9, Крсмановиќ 1, Буљубашич, Демирезен 2, Озбахар 3, Ерсин 2, Ласица 4, Нуич 1, Томиќ 3, Коцарсан, Доне 3.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.

Е. РАБОТНИК: Чаневски (3 одб.), Трајковски (3 одб.), Ивановиќ 2, Ојлески 3, Маркоски 4, Пецаковски, Талевски, Чурлевски 4, Мемиќ, Кукоски, Мандиќ, Дрогришки, Граџан, Џукиќ 5, Кузманоски 11, Петровски, Блажевски.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.