Историски ден за Куманово, конечно освоен првиот трофеј (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ракометарките на Куманово денеска го совладаа тимот на Вардар со 24:22 и на тој начин се најдоа на краткиот список на освојувачи на пехарите во Купот на Македонија. После Кометал Ѓорче Петров, Вардар и Металург тоа е само четвртиот тим кој успеал да се израдува на трофеј.

Во интересен меч со постојана резултатска тензија кумановки имаа поголема концентрација во моментите кога беше потребно, па на крајот пехарот остана за домаќинот на турнирот.

Кумановки беа во предност во текот на целата средба, но на крајот решаваше еден шут. Вардар имаше напад за реми, но одбраната на Куманово заврши работа и обезбеди победа со која на крајот можеше да се израдува на триумф и на историскиот пехар за клубот.