Интервју со Мартин Томовски: Соништата се исполнуваат само ако веруваме во нив!

Доволен беше еден натпревар помеѓу старите ракометни ривали – Вардар и Металург за младиот голман Мартин Томовски да биде забележан од пошироката ракометната јавност. Иако составот од Автокоманда беше поразен на овој натпревар, талентираниот Томовски ги собра сите заслуги за неговото одлично издание во натпреварот против шампионот на Македонија.

Осумнаесет годишниот кадетски репрезентативец од својата тринаесетта година е дел од ракометните школи на Металург, а исто така битна улога во неговиот ракометен развој има и екипата на Пролет. По барање на Лино Червар од минатата сезона, Томовски повторно е дел од составот на Металург каде максимално ја користи укажаната шанса во натпреварите од македонската Супер лига. Квалитетот на младиот голман доби своја потврда кон крајот на мај, кога за прв пат доби покана да биде дел од поширокиот список на најсилната македонска репрезентација. За својот ракометен пат, мотивот и инспирацијата да се биде успешен во овој спорт, младиот Томовски говори во интервјуто за 24Ракомет.

Martin Tomovski

Од сите позиции во ракометот, зошто ја избравте токму голманската?

М.Т.:Од секогаш голманската позиција имала нешто посебно, се разликувала од другите. Едноставно ми претставува задоволство последен да се справувам со проблемите, односно да ги спречувам топките кои се упатени кон голот, па за тоа и се одлучив за  неа без размислувања да ја сменам. Така ја започнав мојата ракометна приказна, така и ќе ја завршам.

Зошто одлучивте да се вратите во Металург?

М.Т.:Несаканите и непланираните проблеми од типот да не добивам минутажа на натпреварите… По една случка со мојот поранешен клуб Тинекс Пролет ме доведоа своеволно да го напуштам клубот. По напуштање на клубот, тренирав и вложував во себе, верувајќи во моите способности и надевајќи се дека еден ден ќе имам шанса да се докажам. Коцките се поклопија за сè да се оствари. На крајот сè заврши со неверојатно сценарио, јас ја добив главната улога, а со тоа мојата самодоверба растеше, мотивацијата од ден на ден беше се  поголема, а сега останува неуморно да продолжам со уште појако темпо и да чекам уште шанси за исполнување на моите зацртани цели.

Кои се главните работи кои ги научивте во времето поминато во Пролет и младинските категории на Металург?

М.Т.:Во Металург бев еден мал период на самите почетоци кои започнаа со препораката на мојот тогашен прв тренер Силвана Миленковиќ да бидам дел од селекцијата на Александар Јовиќ (генерација 96/97), но тоа не се исполни, па понатаму продолжив во школите на Пролет каде што научив многу за ракометот. Основите во однос на правилата, културата, спортскиот начин на живот и другарството кое што сè уште трае без разлика на тоа кој каде ја продолжи својата ракометна приказна, верувам дека и така ќе остане.

Како се носите со конкуренцијата на голманската позиција?

М.Т.:Конкуренцијата не ја согледувам на начинот како што сите ја гледаат, мислам дека доколку се тренира напорно квалитетот е неоспорен. Се разбира понекогаш потребно е и здрава конкуренција за да може да те замени во моменти кога не си на ниво, но исто така конкуренцијата во многу моменти придонесува за дополнителна мотивиција за уште поголемо темпо на работа и совладување на истата. На крај на краиштата во животот во секоја работа има конкуренција, само зависи од човекот на каков начин ќе одлучи да се справи со неа.

Martin Tomovski 4

На барање на Лино Червар преминавте во правата екипа на Металург. Како е да се работи со еден врвен стратег од негов калибар?

M.T.:Чувството е одлично бидејќи многу ретко се случува да се работи со тренер од негов калибар. Пред сè тој е личност кој во животот ги има постигнато скоро сите можни спортски тренерски достигнувања, кој од ден на ден сака да учи нови работи поврзувајќи ги и старите, и истите да ги усовршува се додека не ја постигне зацртаната цел. Пресреќен што ја имам таа шанса и пробувам да ги „украдам“ сите можни искуства што секојдневно ни ги презентира и да ги искористам, пред сè во ракометната кариера, но исто така и во животот.

Која е најбитната работа што треба да ја поседува вашата одбрана?

Најбитно е помеѓу играчите да постои добро усогласување и меѓусебна комуникација. Исто така битен е и договорот со мене околу блокот и некои други поситни детали.

Дали имавте трема на натпреварот против Вардар?

Воопшто не, таков беше и пристапот на тој натпревар бидејќи немавме никаков притисок знаејќи дека нема што да изгубиме, односно без разлика на исходот можевме само да добиеме многу повеќе.

Martin Tomovski 2

Од кого стигнаа првите честитки по одличниот натпревар?

Не можам да издвојам посебно некој бидејќи честитките ги добив од сите кои ги познавам, но пријатно беше чувството да се добијат честитки и од луѓе кои не ги познавам.

Дали во иднина се гледате себеси во некој странски клуб?

Во моментов сум среќен од сегашната позиција и секако ќе видиме  што ќе донесе иднината.

Кој е вашиот ракометен идол?

Немам идол, но секако уживам да ги анализирам врвните светски голмани, почувајќи од  нивната техника, поставувања и да „украдам“ некои нивни потези за подоцна да ги усовршувам и да формирам свој  стил на бранење.

Martin Tomovski 3

Колку за квалитетот е потребно талент, а колку работа?

Се разбира потребен е талент, но тоа е во оние почетни години. Доколку го имаме талентот мора да ги искористиме. Без работа нема никаков успех, не само во спортот туку во сите останати сегменти од животот. Да резимираме 95% е работата, 5% е талентот.

Како и сите помлади луѓе сакате да се дружите и излегувате, како тоа го ускладувате со ракометните обврски?

Се разбира јас сум во години каде што сакам да излегувам, но сето тоа го правам кога ќе се завршат работните обврски и се разбира во време кога тоа е дозволено и не може да влијае  на мојата форма.

Каде се гледате себеси во иднина?

Сигурно во некој европски клуб, но нема да ја кажам мојата цел и до тогаш ми останува да верувам во себе целосно, да тренирам неуморно верувајќи дека сето тоа еден ден ќе се исплати. Соништата се исполнуваат само ако веруваме во нив!