Арбитражниот суд за ракомет на ЕХФ ја казни Руската ракометна федерација со дисквалификација на резултатот од Женското ракометно првенство до 19 години, по скандалот со три ракометарки кои биле позитивни на недозволени супстанции.
Русинките на континенталниот собир го освоија сребрениот медал кој ќе им биде одземен. Покрај тоа Руската федерација ќе плати парична казна од 20.000 евра и во наредните две години нема да има право на настап на натпревари кои се под „капата“ на ЕХФ.
Ова е уште една од низата казни кои Руските спортисти ги добија во последниот период, а во случајот санкционирани се поради три ракометарки кои во нивната крв беше најден Мелдониум кој е забранет на листата од Светската анти-допинг агенција.
По оваа одлука за очекување е во наредните седум дена Руската ракометна федерација да поднесе жалба, која веројатно ќе им биде одбиена.


