Македонија и Русија во сабота ќе одиграат пријателски меч кој ќе послужи еден вид подготовка за двете селекции во пресрет на бараж дуелите за Светското првенство кои ќе се одиграат во јуни. Натпреварот кој ќе биде од затворен карактер ќе послужи како место за дотерување на тактичките замисли на двата селектора. Раул Гонзалес ќе им даде шанса на помладите репрезентативци, додека селекторот на Русија ќе се обиде преку натпревар со поквалитетен противник да ја избруси формата на својата селекција и да ја врати репрезентацијата онаму каде припаѓа во ракометниот крем.
Априлската ЕХФ недела, селекцијата на Русија ја одработува во Скопје, во спортскиот центар „Јане Сандански“, каде во сабота ќе го одигра и единствениот контролен натпревар. Селекторот на „Зборнаја“ Едуард Кокшаров за 24 Ракомет во пресрет на овој дуел вели дека Македонија е добар противник за да се видат можностите и да се подигне формата на неговата селекција. Фокусот ќе биде на подобрување на играта и спроведување на тактички замисли на рускиот стручен штаб.
„Непотребно е за нас, но и за Македонија некој да снима, затоа натпреварот ќе биде само за играчите и за сите ракометни работници инволвирани во двете репрезентации. Овие натпревари ќе ни послужат за ние да ја подигнеме нашата игра, имаме во глава како тоа треба да изгледа за баражот, но сега ќе размислуваме само на нашата игра, а не и за дуелот со Чешка. Анализата за Чешка ќе ја правиме во јунскиот подготвителен период. Ќе видиме нешто ново од Русија. Не може да се споредат натпреварите од Европско и Светско првенство со овие пријателски натпревари. Немаме очекувања од саботниот меч ќе видиме како ќе тече дуелот, а потоа ќе правиме анализи и ние и македонската репрезентација “-вели Кокшаров.
Русија во јуни ја очекува бараж двомеч против Чешка за пласман на Светското првенство во 2019 кое ќе се одржи во Данска и Германија.


