Стоилов исто така имаше придонес во убедливиот триумф од 32:24 со три голови во првиот натпревар од баражот за СП 2019.
Македонскиот репрезентативец од една страна е среќен поради резултатот, а од друга смета дека можело во Клуж да се патува со уште поголема предност.
„Еден тежок натпревар, иако изгледа како да лесно беше. Еден многу незгоден противник, но мислам дека разликата е добра. Можеше таа да биде и поголема, имавме многу технички грешки, треба да го поправиме тој сегмент. Инаку, задоволен сум од пристапот, горд на момците, се надевам на уште една ваква игра и да се пласираме на уште едно Светско првенство“, изјави пивотот на македонската репрезентација, Стојанче Стоилов.
Во текот на мечот разликата беше и двоцифрена на семафорот, но и осум голови разлика би можеле да бидат доволни избраниците на Гонзалез да се најдат на уште едно СП, а еве како размислува играчот на Вардар:
„Сме се враќале и ние од негатива на гости со седум-осум голови, па сме ги добивале мечевите. Бараж натпреварите се такви што не знаете како ќе ви тргне, како ќе се мотивирате за таквите пресметки. Се надевам покрај ваквата разлика од осум гола, нема да дојде до опуштање во нашите редови или имаме некакви проблеми, мораме сериозно да ја сфатиме задачата како во овие први 60. минути и да продолжиме понатаму“.


